Friday, October 7, 2016

INTERVIEW: Steel Temple


Објавено во „Нова Македонија“ на 07.10.2016





Не сме ничии робови


Македонската хевиметал-група Steel Temple конечно го објави својот втор албум, кој обожавателите го чекаа повеќе од една деценија. Групата во изминатиов период направи неколкугодишна пауза, но затоа сега се враќа на сцената со одличен албум. Промоцијата на албумот насловен Nobody’s Slaves ќе се одржи на 8 октомври 2016 година во кафе-барот Ван Гог во Скопје. До крајот на годинава ќе следува и голем промотивен концерт, откако ќе спласнат впечатоците и ќе се консолидираат редовите на бендот, бидејќи пред извесно време нивниот гитарист Дениз Адил си замина од групата и се насочи кон соло-кариера. Но, како што велат преостанатите момци, тој секогаш ќе биде нивни пријател и добредојден во семејството Steel TempleСо албумот Nobody’s Slaves членовите на бендот, пејачот Фили Филиповски, тапанарот Урош Вељковиќ, клавијатуристот Дарко Поповски-Блуз, басистот Маријан Петровски и веќе поранешниот гитарист Дениз Адил, овој пат ќе го покажат новото лице на Steel Temple, на музички и на текстуален план.


Новиот албум доаѓа 12 години по деби-изданието. Зошто направивте толку долга пауза меѓу двата албума и дали песните се комплетно нови или некои се стари верзии?
Урош: Повеќето од песните се стари, а некои се уште од 2005 година. Доста од нив се преработени, за да можат да звучат помоќно, поконцизно и помодерно, односно да бидат пометалски песни. Всушност, сиот овој материјал веќе еднаш го снимивме во 2006 година, но таа верзија на албумот никогаш не ја објавивме. Сега, една деценија подоцна, конечно решивме албумот да се појави на пазарот, но песните моравме да ги доработиме. Кога ја преслушавме старата верзија, сфативме дека на песните им недостига нешто и моравме да ги дотераме. Некои се речиси комплетно различни од претходните во однос на аранжманите.
Дарко (Блуз): Првата верзија на албумот ја снимивме во годината кога настапивме како предгрупа на Whitesnake, во 2006 година, во Скопје. За жал, не ја искористивме таа можност и потоа направивме пауза од 3-4 години. Откако го преслушавме материјалот ни стана јасно дека тој не ни ги задоволува нашите сегашни критериуми. Почнавме со проби и на секое доаѓање песните претрпуваа промени. Сите бевме едногласни дека материјалот треба да се пресними. Инаку, со снимањето почнавме во 2013 година и не се брзавме многу, затоа што сакавме албумот да звучи и да излезе како што треба.

Албумот ќе ја носи етикетата на швајцарско-српската издавачка куќа Miner records, која објавува изданија на големи светски метал-имиња. Како успеавте да дојдете до нив?
Дарко (Блуз): Се решивме на ваков чекор со странска издавачка куќа пред сè поради тоа што кај нас во Македонија има само неколку издавачки куќи, кои, рака на срце, и не се баш заинтересирани за ваков вид музика и воопшто за алтернативна музика.
Урош: Материјалот веќе беше снимен, но не беше измиксан, кога ми се јави еден пријател и колега од друг наш метал-бенд да ми понуди соработка. Тој ми ја посочи издавачката куќа Miner records. Првиот човек на издавачката куќа е Србин, но таа е регистрирана во Швајцарија и објавува албуми за европскиот и светскиот пазар. Исконтактиравме со него и тој ни понуди одлични услови за соработка, така што за кратко време го потпишавме и договорот. Steel Temple е првиот македонски бенд чиј албум се појавува под етикетата на оваа издавачка куќа, иако претходно албумите на Верка и на Chromatic Point беа лиценцно реобјавени за Miner records откако беа издадени тука во Македонија.

Која е музичката и текстуалната порака на албумот?
Урош: За жал, во денешно време многу малку автори и слушатели обрнуваат внимание на текстот и на пораката, но ние не спаѓаме во таа категорија. Текстовите ги пишуваме јас и Блуз и се различни. Јас најчесто пишувам за социјални проблеми, додека Блуз отсекогаш повеќе го интересирала фантазијата, сонот, надреалноста... Кога ќе се соединат тие две работи, се добива одличен производ. Никогаш не се фокусираме само на една приказна.
Дарко (Блуз): Кога почнавме со снимањето не се насочивме да правиме концептуален албум, сепак тој има музички континуитет и кога ќе се преслуша целиот ќе се сфати дека тоа е една приказна. Овој албум се разликува и музички и текстуално од претходниот. Овој пат сме многу поконцизни и постегнати. Сите песни ги работиме заедно, а не поединечно, и затоа на албумот пишува дека автор на музиката е Steel Temple , иако најголемиот товар при компонирањето на музиката падна на мене и на гитаристот Дениз Адил.

Дали музиката и текстовите на албумот Nobody’s Slaves се само отсликување на актуелната состојба или се оружје со кое се борите против неправдите и проблемите?
Урош: Ние не сме ничии робови и секако дека музиката и текстовите се еден вид оружје. Но, од друга страна, со овој албум сакаме да се докажеме и како музичари. За разлика од пред десетина години, сега сме позрели и размислуваме на друга фреквенција. Затоа и музиката и текстовите се разликуваат и се на повисоко ниво.

Албумот е во рамките на тврдокорниот и моќен хевиметал, но се чувствуваат влијанија и од други стилови и потправци на оваа музика. Дали со ова експериментирање отворате нова музичка страница?
Дарко (Блуз): Албумот музички плови на брановите на хевиметалот, но на некои песни може да се почувствуваат и прогресивни пасажи и македонски битови, како што е случајот со песната Instrumetal. Можеби некој ќе рече дека таа песна отскокнува од преостанатите, но сепак мислам дека одлично се вклопува во целиот концепт затоа што сме Македонци и не можеме да избегаме во традиционалниот ритам и бит што ги носиме во нашите гени.


Во изминативе години имавте многу настапи тука и во странство, а ја делевте сцената и со големи имиња, како Whitesnake, Judas Priest и Halloween. Какво е чувството да се свири пред своите учители и идоли?
Урош: Да свириш пред групите што ти се идоли, од кои си учел и со кои си растел, е неверојатно. Но најчудно е што ние навистина немавме трема кога требаше да свириме пред нив. Излеговме на сцената и го дадовме максимумот, а тие нè пофалија и ни дадоа голема поддршка. Се сеќавам дека по настапот пред Whitesnake, гитаристот на бендот, познатиот Doug Aldrich, дојде, го прегрна нашиот гитарист Дениз Адил и му рече: „Ти си мојот човек, ти си мојот омилен гитарист“. Слични пофални коментари за нашата музика и за свирењето добивме и од членовите на Judas Priest и Halloween. Тоа е доказ за нашата работа и за квалитет.



Продадовме примероци од албумот
додека се снимаше

Урош: Во текот на снимањето, пред да исконтактираме со Miner records, размислувавме албумот да го објавиме сами. Дојдовме на идеја да собереме пари преку интернет-платформите. Објавивме оглас дека снимаме албум, се претставивме кои сме и што сме и побаравме одредена сума пари. Бевме изненадени што за кратко време собравме солидна сума. Практично во еден вид претпродажба продадовме околу 80 примероци од албумот, без луѓето да слушнат како звучи тоа. Повеќето од купувачите се од Македонија, но имаше и од Италија, Англија и од Холандија.




No comments:

Post a Comment