Tuesday, July 19, 2016

ИНТЕРВЈУ: Чиста околина

Објавено во „Нова Македонија“ на 16.07.2016






Рапот да се врати на изворот и да почне
да си игра со себе


Рап-пионерите Чиста околина, кои уживаат култен статус кај целата андерграунд-публика во Македонија, викендов ќе настапат на главната сцена на дојранскиот Д-фестивал. Во оваа пригода групата ќе биде во осумчлена формација со три MC's, двајца диџеи и тројца инструменталисти. Ристо Солунчев, Самоил Петревски, Виктор Георгиев-Виџи и диџејот Јане Јосифовски ќе бидат придружувани од гитаристот Сеад Хаџиќ-Сецко, басистот Ѓоле Максимовски и тапанарот Гоце Стевковски, но и од специјалниот гостин-диџеј Славе Спировски.
Инаку, Чиста околина деновиве го пушти во етер спотот за новата песна со провокативен наслов, Си играме со рапот, зад кој стојат Иван Солунчев и S.B.Studio . Настапот на Д-фестивал е најава за големото враќање на Чиста околина, како и за новиот албум, кој веќе е во подготовка.



Пред неколку години повторно се активиравте, потоа ја снимивте Изморена авангарда, а сега и Си играме со рапот. Зошто имаше толкава пауза и зошто мислите дека баш сега е моментот повторно да се активирате?
Ристо: Во 1997 година, кога го сведовме бендот на поефикасна и покомпактна екипа, требаше да продолжиме да работиме. Но тогаш сите почнавме да се занимаваме со нешто друго, а не само со музика. Првото појавување на таа скратена екипа беше во 2001 г. на фестивалот Таксират и иако условите што тогаш ни ги понуди Lithium records беа добри, сепак мислевме дека нема ништо да излезе, едноставно дека нема да биде искрено докрај. Како да бевме фатени во расчекор и затоа тоа го оставивме за некои други времиња, или можеби никогаш. Единаесет години подоцна, повторно се создадоа услови за настап на Таксират, а потоа, еве, самото време извртува форма за нашата форма.
Самоил: Во период меѓу двата Таксирата, многу луѓе нè поттикнуваа и ни зборуваа дека треба да се активираме, а и ние самите секогаш носталгично се навраќавме на тие муабети. Всушност, чувствувавме дека приказната ни е недовршена, затоа што со песната Пуздер тргнавме во една друга насока за разлика од тоа што го правевме претходно. Материјалот од албумот Новиот аспект на старата школа беше во старошколски рап-стил, но со Пуздер почнавме да вметнуваме и други елементи и практично да го најавуваме новиот почеток на Чиста околина. Всушност, почнавме и застанавме, и затоа сметаме дека приказната е недовршена. Па, дури и песната Си играме со рапот како идеја е изведена на концертот од 1997 г., а Изморена авангарда како плот се раѓаше во 2001 г.



Песната Си играме со рапот предизвика многу реакции. Покрај позитивните, има и негативни, а некои ве обвинуваат дека го предадовте рапот. Која е пораката на овој сингл?
Ристо: Насловот на песната воопшто нема негативна конотација, туку има баш раперски контекст. Проблемот е во тоа што веројатно младиве генерации немаат однос кон една скопска улична култура за да го разберат зборот што им пречи. Па затоа потешко ги разбираат идејата и пораката на насловот и на целиот текст. Идејата на зборот е од 1997 г. и се роди во најраперскиот период, практично пред концертот, кога бевме во страшна инспирација. Песната се роди брзо, импулсивно, и во еден типичен младешки раперски еготрип си рековме: Ух, не сме нормални, еј, си играме курташак со рапот! Всушност, идејата е дека сме слободни и правиме што сакаме, дека сме доволно зрели и си поигруваме со рапот, си поигруваме сами со себе, со самата Чиста околина. Исто како што Меси прави што сака со топката, тој си игра со самата игра, така и ние со рапот.
Самоил: Чудно е што луѓето не сфаќаат и не забележуваат дека стихот нема веќе рап, раперите се мртви е во прашална форма. Тоа се забележува и при рецитирањето, затоа што мојот глас оди нагоре, а доколку реченицата е потврдна гласот би одел надолу. Тоа се елементарни работи што се учат и во основно училиште. Граматика со изговор. Но повеќезначноста и неодреденоста на нашите текстови се покажуваат како проблем за луѓето, а тоа не е наш недостаток. Луѓето имаат проблем со слободата на уметничкиот израз, а ние немаме намера да се објаснуваме или да се натпреваруваме со никого. Рака на срце, има доста млади луѓе што ја сфатиле пораката, што знаат да ценат, што размислуваат и што имаат изградено мислење за нас, за рапот, за сцената...




Како дојде целата идеја да се направи песната со наслов Си играме со рапот?
Ристо: Целата идеја на песната Си играме со рапот воопшто не е случајна, и ние практично се навраќаме на корените на самиот рап, ако сакате и на целата уметност, на она чисто супстанцијално занимавање со уметност. Е, сега, ако луѓето се вратат на корените на рапот, ќе сфатат дека тој всушност не е ништо друго освен игра и самиот настанал од игра. Раперите најпрво почнале да си играат со плочи што ги користеле како парчиња, дефрагментирале други музички дела, користеле рецитатив наместо пеење. Рапот е јасен постмодерен вид на уметност и не разбирам што не е јасно тука. Откако рапот ја воспостави својата надворешна форма, кога се врза за сцена, за систем, тој природно се затвори во една инерција и ја загуби врската со сопствената внатрешна историја, имено тој веќе не игра со сопствените форми. Си играме со рапот е всушност еден есеј, оглед, една теза дека рапот треба да се врати на сопствениот извор и да почне да си игра со себе.


Дали новиот албумот ќе биде концептуален или експериментален?
Ристо: Сè уште не сме ги дефинирале работите, затоа што не знаеме во која насока ќе нè води целата оваа работа. Најверојатно ќе има уште два експеримента, а ќе има и песна со една македонска рок-група. Во секој случај ќе продолжиме да експериментираме со формите и не мора да значи дека сите песни ќе бидат како Изморена авангарда и Си играме со рапот. Може во некоја песна тежиштето да биде ставено на инструментите, додека, пак, во друга воопшто да ги нема.
Самоил: Идејата е наесен да излезе еден мини-албум со четири-пет песни и во секоја од нив ќе го покажеме различниот начин на експериментирање. Практично идејата е едноставна, а тоа е албумот да не биде монотон туку да биде интригантен.


Како ви влијае вам како креативци целата глобална ситуација, затоа што политичко-економската состојба и кај нас и во светот воопшто не е сјајна?
Ристо: Самиот свет не е некое сјајно место за живеење, но тоа не е лошо тло за уметност, бидејќи таа е тесно поврзана со страдањето. Ако човекот е среќен, тогаш веројатно нема длабока потреба од уметност. Човечкото суштество никогаш не е среќно, или е во потрага по минимум услови за момент да ја отстрани несреќата од себе. Тоа се идеални услови за уметност. Гневот создава или револуција или уметност. Всушност, негативното секогаш влијае позитивно на човекот што се занимава со уметност. Некои луѓе се трудат уметноста да ја поврзат со задоволства, но според Хајдегер тоа не е уметност туку е слаткарница. Ако сакаме уметноста да нè заслади како некоја добра баклава, тогаш уметноста не ни треба, ја имаме слаткарницата. Уметноста нема работа само со убавината, таа е во нужна врска со вистината.

Како од оваа дистанца гледате на рап-сцената во Македонија?
Самоил: Кога разговараме четворицата се согласуваме дека денес има квалитетни бендови, како Легијата, Зад аголот и други, кои прават длабоко фундиран, хардкор-рап на високо ниво, за кое сметаат дека е најдобро. Токсикологија е исто добра екипа, која работеше нешто поинаку. Сето тоа навистина ни се допаѓа, но во нашата перспектива (веројатно имаме право на перспектива) сето тоа се случува внатре во самата надворешна рамка на рапот и хипхопот, како глобално прифатени стандарди за тоа како треба да изгледа и да звучи рап-музиката. Имаат солидна продукција и прават интересни спотови и тоа е сликата за моменталната рап-сцена кај нас. Но ние не се сме ограничени од овие стандарди, затоа што и пред дваесет години ние бевме рапери за да бидеме всушност нихилисти, како да бевме андерграунд на андерграундот. Секогаш бараме нешто различно, некоја мешавина на стилови и на размислувања.

Ристо: Во основа, ние никогаш не сме се врзувале со сцена. Кога во 1997 година условно ја напуштивме, тогаш немаше рап-сцена, бидејќи постоеја неколку исклучителни бендови, но немаше вистински услови и публика за сериозна сцена. Рапот си го пробиваше патот, а сцената бара соодветна констелација. Денес, речиси дваесет години подоцна, има одлична и моќна рап-сцена, но ние навистина не се гледаме во неа. Не мислам да се натпреварувам со помлади артисти и со други групи, едноставно не ме интересира рап-сцената, нас нè интересира самиот уметнички израз како таков. Ние постојано сме во едно самоиронично укинување. Пред дваесетина години по убедување бевме надреалисти, што значи дека баравме форма за слободата од безличниот диктат на разумот. Се трудевме иронично да избегаме од секоја форма, па дури и од рапот. Во основа, албумот Новиот аспект на старата школа личи на типичен рап-албум, но тој воопшто не е конвенционален израз. Сега кога имаме поголемо животно, но и музичко искуство, се гледаме како музичари во некоја постмодерна смисла, а не како рапери.