Saturday, December 5, 2015

INTERVIEW: Laibach

 Објавено во „Нова Македонија“ на 05.12.2015

  




Секој уметнички јавен настап
е политички



Laibach е една од највлијателните групи од југословенските простори, која на почетокот на 1980-тите години стана гордост на бунтовните и прогресивни луѓе во регионов и пошироко, а остана запаметена како прототип за голем број бендови, меѓу кои и славните Германци Rammstein. По 35-годишна кариера, и покрај светскиот успех, Laibach успева да стои настрана од секаква поп-одредница и до ден-денес е верен претставник на музичката авангарда. Тие важат за едни од најгенијалните индустријал-уметници на сите времиња, кои воведоа нов пристап кон музиката. Нивната музика и идеи ги поставија корените на она што денес се смета за милитаристички индустријал, со извонредни дела што важат за силна критика на механизираноста и оркестрираноста. Стилот на Laibach е, пред сè, критикувачки уметнички перформанс, кој постојано посочува кон уметноста што станува алатка на тоталитаризмот и си поигрува со крајните граници на естетиката на фетишизмот и милитаристичката моќ. Уште од самите почетоци нивниот уметнички израз е разобличување на естетската блискост и речиси идентичност на непомирливите идеологии како комунизмот и фашизмот.
По подолга пауза, Laibach лани, со објавувањето на песната и спотот Whistleblowers, конечно се појави повторно на музичката сцена и го најави новиот албум Spectre, со кој уште еднаш се издигна во новосоздаден, но појасен и сигурен формат. Албумот беше оквалификуван како нивно најреално и полнокрвно дело што прави голем, речиси опасен чекор напред. На овој албум групата, која никогаш јасно не се дефинира себеси политички, но, сепак, постојано ја анализира политиката преку своето дело, доаѓа политички ангажирана како никогаш порано. Spectre буквално звучи како политички манифест во поетска форма, а насловите и текстовите не може да бидат подиректни.


На 7 декември ќе свирите во Скопје на фестивалот Таксират, на кој досега сте настапувале во 2001 и во 2007 година, а во 2012 година имавте и концерт заедно со нашите Мизар. Сметате ли дека Македонија е подготвена да го пречека новото сениште на Laibach?
- Не знаеме дали Македонија е подготвена за новото сениште, но од друга страна знаеме дека тука има многу добра музика и затоа се надеваме дека луѓето се подготвени повторно да го слушнат Laibach. За нас е голема чест и задоволство што сме повторно поканети да свириме пред македонската публика.

Што ќе понудите овој пат, дали тоа ќе биде само промоција на албумот Spectre или ќе има и песни од претходните?
- Ова не е солистички концерт, туку настап во рамките на фестивал, така што во програмата ќе бидат вклучени песни од повеќе албуми на Laibach, објавени во различни периоди од нашата кариера, но секако, акцентот ќе биде ставен на песните од последниот албум Spectre.


Кои се сличностите и разликите меѓу Spectre и Neue Slowenische Kunst?
- Нова словенечка уметност (Neue Slowenische Kunst) беше неформална герилска уметничка организација што се создаде околу Laibach во 1984 година и постоеше сè до 1992 година, кога делумно прерасна во држава NSK. Spectre е името на нашиот нов албум, а исто така и името на националната партија на поддржувачи, основана во 2014 година.

Вашите стихови секогаш биле политички двосмислени, но овој пат сте многу подиректни. Која е политичката, а која е музичката порака на Spectre?
- Политиката е насекаде и секој уметнички јавен настап во исто време е и политички. Свесни сме за моќта на политиката, па затоа го анализираме нејзиниот јазик во однос на културата. Целата уметност е подложна на политичка манипулација, освен онаа што го говори истиот јазик како оваа манипулација. На музички план, Laibach измислува милитантен класицистички израз во рамките на жанрот поп-индустријал, но исто така може да биде и повеќе од тоа. Spectre се занимава со политиката и со креирањето на политичката свест. Во последно време во Европа и во светот доаѓа до силно преиспитување на политичката свест. На луѓето им е смачено од постојниот естаблишмент и сакаат да бидат поконкретно вклучени во креирањето на политичките одлуки. Додека го создававме албумот, бевме под директно влијание на овие и на другите настани што се случија во последните неколку години, како што се економскиот колапс и општествените политички немири, но и од катастрофалната состојба на музичката индустрија и поп-културата воопшто.

Во песната Eurovision има стих Europe is falling apart (Европа се распаѓа). Имајќи ги предвид актуелната политичко-економска состојба и постојаната закана од терористички напади, мислите ли дека Европа и Европската Унија конечно ќе се распаднат и оти Источниот блок повторно ќе го заземе своето геополитичко место во ЕУ?
- Овој стих се однесува исклучиво на бесконечното распаѓање на Европа. Таа постојано се распаѓа, но се чини дека ова распаѓање е всушност начинот на кој Европа се конституира себеси. Секојпат кога ќе се обиде да се преоформи, таа потфрла уште подобро. И покрај катастрофалното и крваво европско минато, ние сме доволно фетишисти за да веруваме во европската идеја. Она што реално ни е потребно е Европа од Атлантикот до Пацификот, се разбира, вклучувајќи го и Источниот блок. Друга алтернатива, освен силна Европа, веројатно не постои за европските и за афроазиските нации. Но на Европа денес, пред сè, ѝ е потребна вистинска културна, економска и општествена револуција. Вистинска утопија е тоа што целите на општествената правда, финансиската стабилност и економската одржливост можат да се остварат во рамките на капиталистичкиот систем. На крајот на краиштата, вистинските причини за човечката мизерија не се предизвикани од корумпираноста на неколку стотици политичари или алчноста на неколку илјади банкари, туку од структурната динамика што овозможува и наградува такво однесување на прво место. Денешната криза не може да се реши со регулатива или со козметичка хирургија од каков и да е тип. Може да се реши само со трансформација во комплетно друг систем. Искрено се надеваме дека идејата за обединета Европа може да се спаси. Но не студената Европа на бриселската политичка технократија и банкарскиот сектор, кои оперираат врз основа на диктатот на неолибералната догма, туку новополитизирана Европа, базирана на заеднички проект на еманципација. Европската Унија мора да ја најде вистинската рамнотежа меѓу дебатата и консензусот за генералната визија. Таа визија мора да пробие во сите аспекти на општеството. Без ваква визија, Европа не може да очекува подем, туку напротив, може да очекува пад. И тогаш Европејците ќе треба да имигрираат во Африка, Азија, Блискиот Исток...
 
Промотивната турнеја на Spectre опфати и повеќе концерти во Америка. Колку Америка беше подготвена да ги прифати вашето толкување и визија за Европа?
- Американците се родени подготвени, но ние не им попувавме многу за Европа. Едноставно, ја приспособивме програмата и ја направивме порелевантна за нив. 


По Америка бевте и во Северна Кореја и тој настан силно одекна низ светот. Која е, според вас, поврзаноста на демократскиот/либерален капитализам и на тоталитаристичкиот комунизам?
- Тие се како близнаци, како двете страни на паричката. Едната не може да постои без другата и се многу послични отколку што се чини. Во двата система моќта е само симболично во рацете на народот. Во реалноста двата система ги води еден отсто од владејачката класа. Двата система исто така (помалку или повеќе) успешно создаваат илузија на слобода. Северна Кореја всушност може да постои бидејќи тоа е во интерес на двете суперсили - Кина и САД. Ваквата Северна Кореја подобро им служи на интересите на Америка, бидејќи може да се искористи како изговор за силното воено присуство на САД во регионот, се разбира најмногу за да ја контролираат Кина. И на Кина ѝ одговара да има тампон-зона меѓу себе и американските трупи во Јужна Кореја.
 
Во времето кога беше основан Laibach британските медиуми ве опишаа како најопасниот бенд на светот. Дали тие тогаш беа уплашени од вистината и дали мислите дека сè уште сте толку опасни?
- Никогаш не сме се гледале себеси како опасни за никого, освен можеби за самите себеси. Можеби за Британците сме опасни, бидејќи не можат да сфатат кои сме и што сме, и тоа е причината зошто нè прогласуваат за опасни. Вистината е дека отсекогаш сме биле малку субверзивни и сè уште сме, но тоа е само во нашата природа.


Во времето кога го основавте уметничкото движење Neue Slowenische Kunst, во Македонија се појави Македонска стрељба, предводена од групите Мизар, Архангел... Како од денешна дистанца гледате на овие две движења и колку тие беа значајни за развојот на авангардната музичка сцена во тогашна Југославија?
- Движењата се во основа интересни и честопати инспиративни за луѓето што се дел од нив, а исто така и за другите. Но би требало да им оставиме на историчарите да ги измерат и да ги проценат овие движења. Ние не можеме и не смееме и да бидеме толку претенциозни да го правиме тоа наместо нив. На крајот на краиштата, ние сè уште сме во движење.