Thursday, November 20, 2014

ИНТЕРВЈУ: Горан Трајкоски (Мизар)

Објавено во „Екран“ на 28.08.2003






Најдобри сме на Балканот !



Горан Трајкоски својата музичка кариера ја започна пред дваесетина години како ортодоксен панкер, во групата Сарацени, во која членуваше заедно со Владимир Петрески-Картер. Подоцна со Златко Ориѓански и со Зоран Спасовски ја оформија Анастасија, со која постигнаа голема слава, првенствено со издавањето на музиката за филмот Пред дождот на Милчо Манчевски. Потоа со Анастасија издадоа уште два албума. Сега Горан Трајкоски го зазема местото на вокалист во култната, неодамна возобновената македонска група Мизар, поточно, на Третото откровение на Мизар, по заминувањето на нивниот оригинален пејач Горан Таневски. Инаку, освен музиката што ја прави и изведува со Мизар и со Анастасија, тој под псевдонимот Готра работеше проект со електронска музика. 


Последниве месеци си ангажиран во Мизар - трето откровение, како вокалист, на местото на Горан Таневски. Како дојде до оваа работа, што се случи со Горан?
- Јас нема да давам објаснување за тие интерни проблеми и недоразбирања, бидејќи јас дојдов откако тоа веќе се случило и не бев сведок на тие случувања. Всушност, тоа и не е толку битно во моментов, сега најважно е тоа што функционираме како една целина. А како дојде до таа соработка? Оној момент кога дојде до идејата Мизар да настапува во живо, поточно на промоцијата на реизданијата на првите два албума на Мизар, јас бев поканет како и многу други бивши членови кои биле дел од бендот во периодот од 1983 до 1990, да настапам како гостин, односно, да отпеам неколку песни заедно со една голема и поширока постава на Мизар. Во почетокот на пролетта, пак, бев повикан од членовите и ми беше објаснето дека Горан Таневски се откажал, одбил да настапува. Тие не сакаа нивната идеја за жив настап да им пропадне, туку сепак да се обидат тоа да го направат, со мене и со Ристо Вртев. Бидејќи двајцата прифативме, започнавме со проби на материјалот што требаше да се изведе на концертот.

Дали ова место, вокалист во бендов, е твоја транзициска работа или е нешто за на подолги патеки?
- Сега засега не мислам ништо поконкретно, затоа што сè се случи спонтано. Мислам, не би било лошо и ова го кажувам како една заедничка желба, да се обидеме да ја затвориме приказната на Мизар барем со уште еден албум во оваа постава, бидејќи има услови за тоа, сите сме горе-долу слободни. Нашите актуелни проекти ги имаме ставено на stand by, а во текот на есента ќе решиме дали би можеле да направиме нешто заедничко, како последен албум, поточно како албум што е направен на повторното реофомување или, како што се нарекува, Третото откровение не Мизар.
 
 Дали тоа значи дека подготвувате нов материјал?
- Тоа значи дека во септември ќе видиме дали постојат услови за тоа. Во секој случај има расположение, но ќе видиме дали и кога можеме да го направиме тоа. Бидејќи, како што реков, во бендот има расположение. Секако дека албум ќе има, но прашање е дали тој ќе се подготвува во текот на есента или можеби напролет. Сè зависи од тоа кој од нас во кое време ќе биде слободен.

Порано поголемиот дел од песните ги правеа Горан Таневски и Горазд Чаповски, но последната песна, Почесна стрелба, ја напишавте ти и Ристо Вртев. Дали тоа значи дека отсега ти ќе бидеш оној кој што ќе ги пишува песните за новиот албум?
- Почесна стрелба, всушност, е групна работа, затоа што кога ми ја соопштија идејата, ми рекоа дека цел им е да се направи песна во која сите ќе имаат свој удел. Прво Горазд Чаповски и Влатко Каевски работеле на песната, па потоа заедно со останатите членови од групата и на крај мене и на Ристо Вртев ни ја дадоа, за да смислиме вокални делници и евентуално да интервенираме со нешто друго, со некоја наша идеја. Затоа може да се каже дека оваа песна е колективно дело. Што се однесува до албумот, треба да се договориме, бидејќи тоа е покомплицирана работа и тука, во принцип, мора да се подели работата, да се види кој што ќе работи.

По концертот во Скопје на 30 мај, каде сè имаше концертирано Мизар?
- По скопскиот концерт, на 1 јуни имавме солистички концерт во Загреб, потоа на 6 јули свиревме во рамките на фестивалот Егзит во Нови Сад, на 11 јули повторно во Скопје, на хепенингот за обнова на спотрско рекреативниот центар Сарај, а пред извесно време поточно на 30 август настапивме и во Битола, каде што свириме со повеќе групи. Тука беа Д.Н.О., кои ни беа предгрупа и на скопскиот концерт, како и неколку бенда од Грција, Бугарија и od Македонија.

Какви се искуствата од концертите во бившите ЈУ-републики?
- Па, приемот беше одличен. Мизар отсекогаш имал најголема поддршка од Загреб. Во времето на бивша Југославија дури и повеќе отколку од Скопје. Но и во Нови Сад бевме добро прифатени и тоа е една од причините, заедно со скопскиот концерт, што луѓето во групата почнаа да размислуваат и влегоа во расположение за изработување на нешто ново. Ако не беа добри реакциите, најверојатно немаше да има желба за тоа. Интересно е тоа што на концертот во Загреб, половината од публиката беа луѓе на возраст од 20 до 26 години. Јас лично очекував да има публика на возраст околу триесетина години, но, за чудо, не беше така. Тоа од една страна многу ме зачуди, а од друга и ми беше многу мило. Интересно е тоа што оваа свирка не беше во рамките на некој фестивал, туку солистички концерт. Знаеш, кога е фестивал, каде што настапуваат повеќе групи, доаѓаат луѓе од различна генерација, тука ќе те видат и оние кои сакаат и оние кои случајно се нашле таму. Но не само во Загреб туку и во Скопје имаше доста млади момци и девојки. Тоа значи дека народот сè уште се интересира за Мизар, како постарите така и помладите и ред е да им дадеме уште еден албум.

 Што станува со Анастасија? Дали е на stand by или таа приказна е завршена?
- Да, во моментов Анастасија е на stand by, затоа што веќе подолго време немаме ништо објавено. Исто така се одолговлекува работата и завршувањето на филмот Тајната книга, на режисерот Владо Цветановски, за кој што треба да направиме музика. Најверојатно тоа би бил и нашиот прв нареден проект. Од ова зависи и издавањето на албумот на Мизар. Во таа смисла претходно ти говорев дека сè уште не се знае кога ќе биде новиот албум на Мизар, затоа што и Златко Ориѓански ќе работи во Мизар.

Освен ова со Анастасија и со Мизар, правиш и електронска музика, театарска, т.е. применета, за сценски и слични проекти. Што уште ти претставува предизвик и каде ќе се насочиш во наредниов период?
- Главно во музика, затоа што со неа се занимавам веќе дваесетина години, а и од неа живеам. Минатата и оваа година работев во списанието Манифест, каде што пишував за културата, но тоа повеќе го правев од љубов отколку од некоја желба да се посветам на новинарството. Во секој случај, сите мои активностои во наредниот период ќе бидат поврзани со музика. Немам план во наредниот период да се занимавам со некоја друга професија.

Те интересира ли поп-музика?
- Ме интересира како информативно слушање, инаку не сум имал некоја поголема желба за тоа. На крајот на краиштата и ова што го работам спаѓа во поп-музика, колку и да навлегува и во некои други сфери, сепак начинот на кој што се манифестира и на кој се изведува оваа музика, е во сферите на поп-круговите. Се издаваат плочи, се прават концерти...

А џез?
- Никогаш не ми бил некој предмет на интерес...

Неодамна беше и промотер на новиот албум на Фолтин. Ти се допаѓа ли таков вид музика, како нивната? Можеш ли нешто да кажеш за тоа?
- Многу ми се допаѓа нивната музика, а бидејќи го спомена во контекст на џез, јас мислам дека со издавањето на нивниот последен албум Donkey Hot, овој материјал многу тешко може да се вброји во џез. Албумот воопшто нема допирни точки со џезот. Инаку, Фолтин е многу интересна, многу оригинална група, која би требало да понесе голем товар во наредните денови и години на македонската музика. Сега-засега, момците од мене имаат само голема морална поддршка, а во иднина, ако можам, би им помогнал и на друг начин.


Како гледаш на македонската музичка сцена, поточно на етаблираната македонска музичка сцена, на македонскиот поп, а особено на македонскиот андерграунд?
- Приказната околу македонската сцена е многу нејасна. Бидејќи честопати дискутираме околу неа, мислам дека нејзе ѝ недостасува еден многу важен елемент кој го поставува под знак прашање нејзиното постоење, а тоа е буквалното значење на зборот сцена. Кај нас нема простор, нема сцена, каде што може да се свири. Постојат групи, постојат автори, постојат изведувачи, постојат плочи, се прави музика, а не постои сцена каде што тоа треба да се изведува. Овој проблем се провлекува уште од шеесетите години, кога ги бележиме првите поп и рок-групи во Македонија, па сè до денес кога тој дел е останат во една закржлавена состојба. До ден-денес не се најде јунак, да направи вистински клуб каде што редовно ќе може да се изведува и презентира музиката. Значи, простор каде што ќе се изведува авторска музика, а не репродуктивна, каде што човек често, без никаква најава, ќе може да оди и да види некој од домашните, па и од странските автори. Во градов постојат неколку кафе-барови и дискотеки, кои глумат клубови, но тие немаат инфраструктура за тоа, немаат ниту соодветна сцена, ниту соодветно озвучување, ниту соодветно светло... Јас и моите пријатели многу често се прашуваме зошто не се нашол ниту еден човек кои што би одговорил на тој предизвик? Лично верувам дека постојат луѓе, постои публика која со своето доаѓање ќе го поддржи тоа.

Како гледаш на македонскиот рок, особено што на почетокот на твојот музички ангажман беше ортодоксен панкер, мислам на времето кога со Картер и компанија свиреше во панк групата Сарацени со која настапивте и на првиот Rock Fest, а лани беше и во жирито за избор на најдобар бенд на истиов фестивал. Мислиш ли дека се потребни фестивали од овој вид?
- Сè додека немаме вистинска сцена, ваквите фестивали ќе бидат потребни, бидејќи каде ако не таму би настапувале групите кои доаѓаат, групи кои постоеле и групите кои што моментно постојат. Значи, каде ќе ја видиме иднината, сегашноста и минатото на нашата сцена, ако не постои простор за тоа. Rock Fest и другите фестивали од таков тип можеби е единствената можност за презентација на младите групи. Кога би постоел клуб, кој што во програмата би го вклучувал и тоа, можеби тогаш би се поставило прашањето, дали навистина е потребно да постојат ваков вид манифестации. Бидејќи сè уште не постои, сега засега тоа е единствената можност. Претпоставувам дека доколку и самите организатори би имале поголема поддршка - да се подигне тоа на уште поголемо, техничко, јавно ниво, да биде добро изрекламирано и забележано од народот, верувам дека ќе биде уште поубаво.


Снимаш и под псевдонимот Готра, но за каков вид музика се работи, за разлика од овој другиов?
- Како Готра, работев еден вид електронска музика, но тоа не беше ништо амбициозно. Всушност се работи за две-три изданија, кои настанаа сосема случајно, без никаков поконкретен план. Едно од тие е компилациското издание на македонската електронска музика, насловено едноставно 8 (осум), на коешто со своето присуство сакав да им дадам поддршка на авторите од последната генерација на македонската музика, потоа тука е уште и копмилацијата за Маргина, песните за Помеѓу истокот и западот, каде што објавив одредени композиции во времето кога ништо не работев. Нешто малку повеќе работа имав на албумот на Maya Mouse, каде што се јавувам како продуцент и имав еден ремикс, а исто така работев со Зоран Златковски-Psychoz, но тоа беше нешто помал ангажман. Тоа се луѓе кои ги познавам, кои ми се пријатели и сакав да им помогнам колку што можам. Инаку, во овој момент немам никакви амбиции да работам сам, всушност таа работа не може да се планира, доаѓа спонтано.

Дали со појавата на промотерски и издавачки куќи од типот на Трето уво, Авалон продукција, Литиум рекордс итн. се добива нов квалитет во домашниот музички циркус?
- Како што кажав претходно, тоа е дел од сцената, којашто кај нас е некомплетна. Издавачките и промотерските куќи се нешто без кое што не може да функционира таа сцена. Што повеќе има издавачки куќи, факт е дека има сè поголема активност на сцената. Доколку повеќето од тие издавачки куќи успеваат да се одржат, значи тоа има своја логика, како пазарна така и авторска. На крајот на краиштата, македонската поп-сцена функционираше 25-26 години без издавачка куќа и појавата на овие идентитети ја даваат сериозноста на таа сцена. Сега има кој да објави, има кој да презентира, значи има луѓе посветени на тој дел од работата.


Кои бендови би ги издвојил од оваа новава генерација што доаѓа на македонската музичка сцена?
- Д.Н.О. се исклучително интересна и добра група, исто така Фолтин, кои ги споменав пред малку, затоа што зад себе имаат три албуми, потоа String Forces со два албума. Овие две групи и не се така млади, но се многу значајни за нашава сцена, а сигурно има и други, кои досега немаат ниту едно издание. Јас лично сметам дека авторите на македонската сцена се едни од најдобрите на бакланската сцена. Имам какво-такво сознание за српската, хрватската, грчката сцена, а овие неколку имиња што ги набројав се супериорни во споредба со нив.

Кога се појави Мизар, музичка јавност, во рамките на тогашна Југославија, велеше дека тоа е култната група, не само на македонскиот туку и на југославенскиот андерграунд. Што мислиш ти за тоа?
- Во тоа време, при крајот на постоењето на бивша Југославија, во последните десетина години, од Македонија излегоа неколку групи кои беа знаменитост на тогашниот југословенски андерграунд, зборувам за Мизар, Падот на Византија, Телонаука совршена, подоцна и Апореја, Анастасија, Архангел... Во тогашна Југославија овие бендови пополнуваа еден важен сегмент на југословенската сцена, а Македонија држеше една доста тврда струја од тој андерграунд. Сите овие групи што ги кажав до ден-денес се останати во сеќавање на публиката, како на повозрасната така и на овие помладите што се интересираат за тој тип музика.


Wednesday, November 19, 2014

ИНТЕРВЈУ: Владимир Стојчевски (КУР)

Објавено во „Нова Македонија“ на 09.10.2014
  


Денот да е радосен 
не е досадна хронологија
туку документ



Музичката банда Културно уметнички работници, која почна како еден неформален проект на членови од повеќе групи, прерасна во култен бенд на домашната рок-сцена, пред сè поради својот невообичаен и саркастично-хумористичен пристап кон музиката. Зад себе има 15-годишно искуство, пет студиски албуми и еден документарен филм. Токму филмот Денот да е радосен, насловен според нивната истоимена песна, го документира животот на бендот и сè она што се случувало во кариерата на групата. Тој ќе биде промовиран наредниот месец во рамките на Синедејс.
Денот да е радосен е еден од ретките на домашната сцена, а претходно вакви филмски формати имаат само Фолтин, Бернајс пропаганда и ДНО, како и филмот за македонската рок-сцена што го правеше Владимир Петровски-Картер.

Екипа у гаража

Која беше главната причина за да се направи документарен филм за бендот?
- Една од главните причини за овој филм е тоа што ние како бенд имаме огромна архива на видеоснимки што стојат на цедеа и на хард-дискови во разни компјутери. Сметав дека тие можат да се искористат во ваков филм и на јавноста да ѝ се претстави нашата приказна во една документаристичко-филмувана варијанта, во која има многу музика и разни случки што се дел од животот на бендот. Филмот не е досаден хронолошки пресек на кариерата на бендот, туку ги претставува атмосферата и животот на групата од една поинаква перспектива.

Кој е главниот виновник за снимањето на филмот?
- Идејата за филмот е иницирана од младата режисерка Љубица Поповска, која е наш голем обожавател. Пред неколку години таа нè праша дали сме заинтересирани заеднички да направиме документарен филм за Културно уметнички работници. Откако падна договорот, јас се заангажирав малку повеќе, бидејќи, покрај музиката, професионално се занимавам и со продукција, така што заедно со неа ја составивме екипата што ќе работи на филмот. Покрај Љубица, во филмот учествуваат и студенти од ЕСРА, на кои ова им е дипломска работа. Директор на фотографија е Игор Ангеловски, монтажер е Тоде Коцев, додека зад продукцијата сме потпишани јас и Горан Стоиљковиќ од продукциската куќа Аворд.

Спомена дека во филмот ќе има архивски снимки. Кое е најстарото видео што е искористено тука?
- Најстарата снимка е од настапот во телевизијата Канал 5 во 1999 година, каде што ја свириме песната Пеце. Всушност тоа е телевизиски концерт на групата Тотално опуштање, кога направивме еден штос, односно го претставивме проект-бендот Културно уметнички работници. Тој бенд е формиран сосема случајно од членови од повеќе групи, Рок агресори, Ноу нејм нејшн, Бомбашки процес, Тотално опуштање. Откако сфативме дека тоа добро функционира, почнавме да правиме своја музика и еве сега зад себе имаме пет студиски албуми, еден документарен филм и голем број свирки и концерти.

Кои луѓе се појавуваат во филмот?
- Кога го направивме концептот за филмот со Љубица, се договоривме, покрај архивските снимки од бендот, да интервјуираме и голем број луѓе, а таа бројка е некаде околу триесет. Покрај актуелните и некогашните членови и Културно уметнички работници, интервјуирани се и многу новинари, музичари, наши обожаватели, пријатели... Меѓу нив се новинарите Љубомир Грбевски-Џери, Љупчо Јолевски, музичарите Владимир Петровски-Картер, Зоки Трпковски познат како Зоки Агресор, Васко Атанасовски од Бернајс пропаганда, момците од групата Флукс, Елена Христова од групата Баклава, како и Миле и Драги, газдите на кафе-барот Браво, каде што всушност е оформен бендот и кои постојано нè поддржуваат во изминативе петнаесет години. 

...ух...ах...ох...

Кога ќе може јавноста да го види филмот?
- Премиерата ќе биде наредниот месец, во рамките на Синедејс, во Младинскиот културен центар. По проекцијата на филмот во киното Фросина, ќе следува и концерт на Културно уметнички работници во концертната сала на МКЦ. Тука ќе го промовираме нашиот нов, петти студиски албум, кој ќе биде објавен токму на тој ден. Всушност тоа ќе биде две во едно - премиера на филмот и промоција на новите 15 песни. На концертот ќе поканиме голем број гости што ќе свират со нас, а тоа се некои од нашите поранешни членови или музичари со кои сме соработувале во изминатите 15 години.

 

Ќе остане ли филмот само во Македонија или се планира и некоја промоција надвор од нашите граници?
- По премиерата на Синедејс, планираме филмот да го испраќаме на филмски фестивали за документарни филмови. Во регионов има неколку такви и се надевам дека ќе успееме да влеземе во нивната програма, затоа што тоа е одлично место за промоција не само на филмот туку и на музиката.