Thursday, September 25, 2014

INTERVIEW: Tom Smith (Editors)

Објавено во „Нова Македонија“ на 14.04.2010




Од постарите научивме
како е да се биде компактен бенд



Со објавувањето на својот прв сингл, Bullets, на почетокот на 2005 година, чиј ограничен тираж се продаде за помалку од 24 часа Tom Smith, Chris Urbanowicz, Russell Leetch и Ed Lay, членовите на Editors, не ни сонуваа дека тоа ќе им биде од голема корист за пробивањето на светската музичка сцена. Веќе со наредниот сингл Munich, групата се позиционира високо на британските музички топ-листи, што е доволен показател дека момците имаа сериозна намера да ги освојат Европа и светот. Конечно, кон крајот на истата година го објавуваат својот албум The Back Room, кој им донесува номинација за наградата Mercury, а со вториот An End Has A Start се номинирани на Brit Awards.
Музиката на Editors се класифицира во индирок, каде може да се чујат влијанија на бендовите од британскиот постпанк, меѓу кои мрачните Joy Division, психоделичните Echo & the Bunnymen и суптилните Depeche Mode. Но и покрај тоа што многумина ги споредуваат со нив, сепак, Editors се изборија да пласираат свој сопствен звук по кој ги препознаваат насекаде во светот.
Во октомври минатата година, групата го објави својот трет студиски албум In This Light and On This Evening, продуциран од Flood (Mark Ellis), што практично е нивниот најзрел продукт. На почетокот на годинава, четворката од Бирминген тргна на европска промотивна концертна турнеја, во чии рамки в сабота ќе настапат и во скопскиот клуб Колосеум. Концертите на Editors, секогаш се енергични и на нив владее одлична атмосфера, а организаторите Литиум рекордс, најавуваат дека така ќе биде и овде кај нас.


Во Скопје доаѓате во рамките на европската турнеја, на која го промовирате последниот албум In This Light and On This Evening. Но ќе има ли во сет-листата и песни од претходните албуми, за да може македонската публика да се запознае со целокупното творештво на Editors?
- Востановената програма што ја свириме на целата турнеја опфаќа песни од сите три албуми The Back Room, An End Has A Start, и секако темите од последниот In This Light and On This Evening. Посетителите ќе имаат можност да ги чујат сингловите Bullets, Papillon, You Don’t Know Love и многу други. За оние кои добро нé познаваат ќе има и изненадување, затоа што ќе отсвириме и неколку комплетно нови композиции.

Заедно со Arctic Monkeys важите за бендови кои го трасираат патот на новиот англиски звук. Се чувствувате ли како музички револуционери?
- Нашата музика не може да се нарече револуционерна и токму поради тоа мислам дека таа констатација дека ние го трасираме патот на новиот англиски звук не е баш најсоодветна. Но во секој случај, ни годи кога ќе чуеме такво нешто.
 
Често ве споредуваат со бендови кои имаат култен статус, како што се Echo & the Bunnymen, Joy Division, U2, а таквите споредби се прават во однос на вашиот стил на музика и вашата изведба. Колку се релевантни таквите споредби и дали фактот што сте слични со некои други е единствениот начин за постигнување светска слава?
- Всушност, ние немавме намера да наликуваме на овие бендови за да достигнеме слава. Точно е дека сите членови на бендот сме големи обожаватели на Echo & the Bunnymen, но од бендовите што ги спомнавте тие се единствените кои имаа некакво влијание кај нас. На пример, U2 воопшто не ни се допаѓаат.

Лимитираниот тираж на вашиот прв сингл Bullets, во 2005 година се продаде во рекордно време за само еден ден. Како се чувствувавте тогаш? Помисливте ли дека вратите кон огромниот успех ви се широко отворени, или поверувавте дека тоа е само почетничка среќа?
- Сé што се случуваше на почетокот на нашата кариера беше возбудливо. Не во смисла дека ни се отвораат вратите кон некој огромен успех, туку во смисла дека кариерата ќе ни трае подолго од само еден издаден сингл.

Два пати бевте номинирани за музички награди (Brit Awards и Mercury) но не освоивте ниту една. Дали ве фрустрира тоа?
- Не, тоа воопшто не е фрустрирачки за нас, туку напротив. Мислам дека и самата номинација е убава како признание.


Сте настапувале на славниот фестивал Glastonbury, нешто што и на многу поголеми и попопуларни бендови не им се случило. Колку тој настап беше важен за вашиот пробив на светската музичка сцената?
- Сигурен сум дека за секој бенд во светот, без разлика на тоа каков стил на музика негува, свирењето на Glastonbury е од огромно значење. Така беше и со нас. Glastonbury е еден огромен фестивал, кој што ја популаризираше рок-музиката во светски рамки и затоа е важно да можат бендовите да свират на тој фестивал.

Во вашата музичка кариера сте ја делеле сцената со многу бендови, а еден од нив е и R.E.M. Колку може еден музичар да научи од Michael Stipe и од неговата музичка филозофија?
- За разлика од општото убедување, постојат и други членови во R.E.M., покрај Michael Stipe. На пример, Peter Buck е врвен гитарист и поклоник на музиката. Невозможно е да ги гледате на сцена, а да не научите како е да се биде во бенд.


Како продуцент на вашиот најнов албум In This Light and On This Evening, е потпишан Flood (Mark Ellis), кој има соработувано со U2, Depeche Mode, Nine Inch Nails и други. Сметате ли дека тој е најзаслужен за овој досега ваш најдобар албум во кариерата?
- Flood е одличен продуцент, еден од најдобрите во својата бранша. Тој го претвори нашиот бенд во нешто прекрасно. Едноставно, човекот е гениј и заслужува секакви почести и пофалби.


Sunday, September 14, 2014

ALBUM REVIEW: Сами мажи и жени - Xaxaxa

Објавено во „Нова Македонија“ на 13.09.2014




Проблемите не исчезнуваат,
туку само ја менуваат својата форма



Рокенролот по дефиниција е бунт на младата генерација, но кога тоа го прават музичари што зад себе имаат долга километража, тој бунт лесно може да прерасне во искомерцијализиран идиотизам. Но домашната музичка банда Хахаха не се вклопува во оваа матрица, пред сè поради тоа што таа ја живеет музиката. Нивниот трет студиски албум, насловен Сами мажи и жени, е искрена и по малку филозофска приказна, преку која се опишува мрачната страна на општествата што ги јадат своите деца. Сето тоа дава впечаток на една безизлезна состојба од која до излезот се доаѓа со револуција.
Во осумте песни (плус две бонус), од албумот Сами мажи и жени, Хахаха нè води низ долгогодишната борба за подобро утре, која нема крај и раѓа загубени генерации што живуркаат. Очигледно е дека проблемите не исчезнуваат, туку само ја менуваат само својата форма.
Целата атмосфера на албумот одлично ја дополнуваат и дијалозите на Ристо Шишков од филмот Најдолгиот пат на Бранко Гапо и на спортскиот новинар што го коментирал фудбалскиот натпревар меѓу Црвена звезда и Панатенаикос. Шишков зборува за борба (надевајќи се на победа), додека, пак, коментаторот нè потсетува на една друга победа, онаа на Дарко Панчев, но не на спортската, туку повеќе на политичката. Можеби една од најдобрите теми на албумот е Светомир, која зборува за периодот по Втората светска војна, во кој идеализмот не може да си го најде своето место. Песната Ема претставува потсетување на херојството и ѝ е посветена на американската анархистка Ема Голман.
Има и песни што претставуваат мини-химни, како што е Влае салеп, во која повторно се чувствуваат последиците од долгогодишните политички репресии на генерациите што се раѓаа и живееја во некои други тогашни држави и други општествени уредувања. Ништо поинаку не е ниту во песната што го отвора албумот 2 милиони тркалачки камења, која всушност е еден вид предупредување за тоа што нè очекува.
 


ИЗВЕДУВАЧ: Хахаха

АЛБУМ: Сами мажи и жени

БРОЈ НА ПЕСНИ: 8 + 2 бонус

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 33,35 минути

ЖАНР: инди / постпанк / панк-рок / хардкор-панк

ПРОДУЦЕНТ: Ненад Трифуновски

ИЗДАВАЧ: Moonlee Records

ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 08.09.2014



Што се однесува до музичкиот дел, албумот Сами мажи и жени е многу различен од претходните Танго револуционер и Сиромашни и богати. Сега Хахаха вози еден помелодичен панк-рок, но сепак во основа се задржани инди-звукот и влијанијата од американската хардкор панк-сцена од 1980-тите години. Со тоа бендот конечно излезе од звучната рамка на Бернајс пропаганда, имајќи предвид дека членовите на Хахаха всушност се дел и од Бернајс. Но овој пат, на триото Васко Атанасовски, Ненад Трифуновски и Џано Куч, им се приклучува и новиот челен, гитаристот Дени Крстев, кој е водач на панкрок-групата Фонија. Секако, треба да се споменат и многубројните гости што учествуваат на албумот, како што се гитаристите Драган Гиновски-Гино и Сеад Хаџиќ-Сецко и вокалистите Идриз Амети, Сашо Митревски и Кристина Горовска, кои придонесуваат за забогатување на целокупната звучна слика на Сами мажи и жени.
Сè на сè, новата објава на Хахаха е уште едно свежо издание во домашната дискографска номенклатура, каде што, рака на срце, ретко има вакви издржани изданија.

 

Tuesday, September 2, 2014

INTERVIEW: Dušan Kojić-Koja (Disciplina Kičme)

Објавено во „Нова Македонија“ на 02.09.2014




Денешната сцена не ме задоволува,
но секогаш се тука The Rolling Stones
 


Култниот бенд Disciplina Kičme, кој во времето на поранешна Југославија ги помести музичките граници, и денес сè уште се наоѓа на врвот на алтернативната музика, и тоа не само на овие простори туку и пошироко. Во 1990-тите години водачот Dušan Kojić-Koja го пресели својот бенд во Лондон, каде што имаше солидна кариера. Со својот минималистички пристап, Која направи музичка револуција што даде до знаење дека за добар звук се потребни ум и квалитет, а не затскривање зад раскошни аранжмани и многубројни инструменти. Суровиот рокенрол е вистинската животна водилка на Која и на Disciplina Kičme.
Во Македонија се чести гости и имаат голема армија обожаватели, кои во петокот (29 август) го следеа нивниот настап на Aqua Park Fest во Пробиштип.


Поминаа повеќе од 30 години, но се чини дека Disciplina Kičme сè уште има што да понуди на музички план. Што е тоа што ве тера сè уште да бидете бунтовници, односно панкери по вокација?
- Денес има многу работи што кај човекот предизвикуваат незадоволство и го тераат на бунт, така што мислам дека денес во некоја рака е полесно да се биде бунтовник. Но, за да може некој и по толку долго време постојано да нуди нови работи, потребни се голема упорност, трпение и искрена љубов кон рок-музиката. Секако, на тоа треба да му се додаде и малку талент.

Во изминативе три децении Disciplina Kičme помина низ неколку фази, од првичната во 1980-тите, преку лондонската во 1990-тите и денешната. Која е разликата во овие три периоди на дејствување на бендот?
- Тоа што е очигледно е дека во таканаречениот лондонски период имавме женски вокал што пее на англиски и беше одлично прифатен. Првичниот период е многу сличен на денешниот, затоа што тука сум јас како вокалист и пеам на српски јазик. Во почетокот во бендот имавме и дувачки инструменти, додека, пак, сега имаме само усна хармоника. Некои луѓе не можат да ги прифатат овие промени на Disciplina Kičme, па затоа се врзуваат само за одреден период. Тоа обично е периодот кога тие биле млади и затоа постојано велат дека тоа е најдоброто од Disciplina, но мислам дека тоа не се вистинските обожаватели. Мене секоја фаза од Disciplina Kičme ми е драга, затоа што во секоја од нив напредував како музичар и го усовршував музичкиот израз на бендот. Оваа група всушност е мое училиште, факултет, дипломска работа, докторат, занимање, работа, хоби...

Усната хармоника сега е дел од инструментариумот на бендот, но вие и претходно сте имале дувачки инструменти, како што беше саксофонот. Колку сега усната хармоника може да го промени препознатливиот звук на групата?
- Со дувачките инструменти имавме еден џез-призвук, додека, пак, со клавирот што го имаше на претходниот албум Uf! вдахнавме еден авангарден рок-звук. Сега усната хармоника му го дава она фанки-блуз чувство, односно една убава нишка што овој бенд досега ја немаше. Мислам дека за долготрајна група, како што е Disciplina Kičme, императив се константните аранжмански промени и ние се трудиме тоа да биде така.

Колку денешната политичко-економска состојба на глобално ниво влијае во креирањето на звукот и на песните на Disciplina Kičme?
- Секако дека оваа глобална политика влијае врз нас, како и сè друго што секојдневно нè опкружува. По правило групата не треба да ја засегаат такви работи, но кога ситуацијата ќе стане претешка, почнувам сето тоа да го третирам како уметничка работа, која никој не смее да ја осквернави, особено не некоја глупава политичко-економска одлука.

Со својот минималистички пристап кон музиката (со вокал и бас-гитара како водечки инструмент), Disciplina Kičme креираше препознатлив звук. Колку оваа комбинација во почетокот на кариерата навистина беше пред своето време на балканската сцена?
- Мислам дека не бевме пред времето само на Балканот туку и на целата светска сцена, затоа што дури сега се појавуваат бендови што се обидуваат да прават песни само со бас-гитара и со тапани. Инаку, и пред нас и по нас имаше бендови во таква формација, но тоа повеќе беа експериментални и со нојз-призвук. За разлика од нив, Disciplina Kičme правеше песни што и ден-денес се хитови.



Кое е вашето мислење за денешната светска рок-сцена. Мислите ли дека алтернативата денес се претопи во мејнстрим?
- Може да се каже така, меѓутоа разводенетата бивша алтернатива што денес е мејнстрим е многу слаба и не личи на ништо. Оваа, пак, денешнава алтернативна сцена, исто така, не звучи баш убедливо. Тоа е моето мислење, но можеби проблемот е во тоа што јас навистина се имам изнаслушано сè и сешто и сум видел многу работи, па затоа денешната сцена тешко ме задоволува, но затоа секогаш се тука The Rolling Stones.

Освен музиката за бендот, работевте и музика за видеоиграта The Others. Колку ви беше предизвик да работите наменска музика?
- Тоа беше голем предизвик, но добро беше што требаше да се направи комплетно неоптоварена наменска музика, баш како што сакам да работам. Едно од моите главни прашања беше дали станува збор за вообичаена игра полна со крв и со насилство. Но, откако дознав дека не станува збор за таква игра, тоа дополнително ме мотивираше и максимално се вложив во оваа работа. Навистина сакам да работам наменска музика за филм или театар, затоа што тоа е сосема друго поле во однос на тоа што го работам со Disciplina. Избегнувам да работам музика за реклами, затоа што тука всушност станува збор за бизнис-зделки каде што нарачателот често е без никакво музичко, а да не зборувам за алтернативно музичко знаење или предзнаење. Тие сакаат да слушнат нешто што ќе ги потсетува на некоја позната песна, а тоа кај мене не пали. Секое компонирање песна, без разлика дали е за реклама или не, го доживувам како креативно дело.