Tuesday, December 10, 2013

INTERVIEW: John Lydon aka Johnny Rotten

Објавено во „Нова Македонија“ на 11.06.2013




Ќе бидам бунтовник додека не умрам


John Lydon, познат и како Johnny Rotten, кој беше некогашен лидер на Sex Pistols, е еден од најбитните луѓе во светската музичка историја, кој го трасираше патот на панк-движењето. Како предводник на култниот Sex Pistols, тој се вбројува меѓу најконтроверзните личности во музичката индустрија, пред сѐ поради своите радикални ставови против музичкиот естаблишмент и британската монархија. По распаѓањето на Sex Pistols, Johnny го оформи бендот Public Image Limited (PIL), со кој објави девет студиски албуми. Во пресрет на неговото прво гостување во Македонија, Johnny даде ексклузивно телефонско интервју за Нова Македонија, во кое, освен за музиката, зборува и за политичките случувања во светот. Скапаниот, како што му беше прекарот во времето на Sex Pistols, и на 55 години сѐ уште е бунтовник, кој се бори за својата кауза.

Од скопскиот концерт на Кале (14 јуни 2013)

Во 2009 година решивте повторно да го активирате Public Image Limited. Зошто не оформивте нов бенд?
- Приказната на PIL сѐ уште не е завршена и јас се обидувам да ја поддржам и да ја продолжам. Додека песните сѐ уште се вртат и се актуелни, за жал, не смеам да престанам да работам, затоа што би го прекршил договорот што го имам со издавачката куќа, но и со членовите на бендот. Полека но сигурно правам чекори за да се надмине оваа ситуација и да можам слободно да ја дистрибуирам преку својата издавачка куќа. Луѓето со кои сега работам се едни од најдобрите во бизнисот. Од оваа временска дистанца и од она што јас се разбирам во бизнисот, PIL ми е најдоброто нешто што сум го направил во последно време.

Иако веќе имате 55 години, во вашите песни сѐ уште се чувствува младешка бунтовност. До кога ќе бидете тинејџер?
- Сѐ уште сум бунтовник, затоа што сум таков по природа. Ќе продолжам да бидам тоа што сум, иако многумина ме презираат и ме навредуваат за тоа. Токму затоа сакам да им порачам на сите и добро да запаметат дека ќе бидам бунтовник сѐ до денот додека не умрам. Мислам дека светот се дели на два типа - на луѓе-бунтовници, во кои спаѓам и јас, и на преостанатите, кои се ѓубре.

Sex Pistols perform in Paradiso, Amsterdam (6 January 1977)

Пред 40 години свиревте во мали клубови, а сега настапувате пред 10 и 100-илјадна публика. Каде, според вас, е вистинскиот рокенрол - во клуб или на голема сцена?
- Рокенролот нема концепт што може да се разбере. Мислам дека воопшто не треба да се прави разлика кој бенд каде свири, дали е тоа клуб или голем простор. Јас насекаде се чувствувам исто, и во мал и зачаден клуб и на големи отворени стадиони. Ова го сфатив уште од првиот ден кога го запознав светот на музиката и кога почнав да се занимавам со ова што го работам сега. Но ако се прашаме каде се чувствувам поубаво, тогаш ќе признаам дека малите клубови сѐ уште ми будат посебни чувства, затоа што нема ништо поубаво од тоа музичарот што настапува да ја гледа публиката директно во очи. Но некогаш и големите фестивали си имаат своја убавина. Тоа е нешто што музичарите го доживуваат како спектакл.

John Lydon backstage at Marquee Club, London (1977)
Веќе дваесет години живеете во Калифорнија. Како ви изгледа таа денес во однос на 1978 година, кога со Sex Pitols ја имавте првата и последна турнеја во Америка?
- Нема некоја голема разлика, освен што порано беше поевтино за живеење отколку сега. Преостанатото не ме загрижува воопшто.

Дали вашата генерација е одговорна за појавувањето на панкот или тоа е само случајност?
- Појавувањето на панкот, кој во тоа време стигна дури до Јапонија, веројатно е коинциденција, но не се коинциденција темите на кои ги пишував текстовите. Токму овие теми, на кои ја темелевме музиката, постоеле многу и пред Sex Pitols и со сигурност ќе постојат во иднина. Ова ви го кажувам искрено и доаѓа од моето срце. Но од она што сум го сфатил по сите овие години, мојата музика е на вистинско место и е тоа што всушност и треба да претставува.


Многумина сметаат дека панкот е последната голема револуција во светската музичка историја. Се согласувате ли со тоа?
- Не мислам дека панкот е последната голема револуција во музиката, затоа што тоа е еден природен процес, кој е почнат од нашите предци. Всушност, оваа револуција е порака за продуктивност, која се пренесува од генерација на генерација. Токму оваа сила се движи преку нас, уметниците, кои сме најголемите и најдобри креации на господ.

Има ли, според вас, на повидок некоја музика или бендови што можат да направат ваков револуционерен чекор?
- Да, тоа е мојот сегашен бенд - Public Image Limited.


Мислите ли дека музиката воопшто може да донесе некоја промена во светот?
- Мојот идол како одговор на ова прашање е Ганди. За жал, овој човек не се поврзува само со движење што го продуцирало неговото име туку и со политика. Тој направил неколку чекори што дотогаш биле неизводливи, како што се подвигот со бркање на Британија од Индија. Никој не верувал во тоа дека може да биде остварливо, а тој го сторил тоа додека бил босоног и гол. Ганди имал сила со зборови да допре до сите и да ја пренесе пораката што сакал да ја чуеме, па токму затоа овој човек е близок и на работничката класа во Британија. Тој верувал во тоа што сакал да го пренесе и не бил насилен, и затоа се угледувам на него и сакам да ја пренесам својата порака до светот.

Пред извесно време почина Margaret Thatcher, која беше еден од најголемите непријатели на Sex Pistols и на панк-движењето воопшто. Мислите ли дека тие непријатели сѐ уште се присутни и денес?
- Верувам дека силите што беа непријатели на нашата генерација сѐ уште се тука меѓу нас, но сега тие се во некоја друга форма.

Од скопскиот концерт на Кале (14 јуни 2013)

Дали од оваа дистанца можете да кажете дека вашите ставови и системот на живеење што сами го градевте пред 40 години сѐ уште се актуелни?
- Нашиот систем е жив бидејќи е насочен кон политиката, а такви луѓе како мене може да видите насекаде. Тие луѓе ја спроведуваат својата агенда против политиката без насилство и се присутни во секое ниво на општеството. Сите тие што се залагаат за оваа кауза себеси се нарекуваат нормални човечки суштества. Овие луѓе застануваат зад нешто во што веруваат исто како што јас тоа го правам низ целата моја кариера. Да бидам искрен, мојата работа и понатаму ќе биде одржување на наследството за кое се залагам. Се трудам да се совлада системот против кого сите ние секојдневно се бориме. Исто така, се залагам да се поттикне и да се направи сето она што се смета за исправно во општествата.

Во Македонија доаѓате првпат, но на Балканот веќе сте свиреле неколкупати. Какво е вашето искуство со балканската публика? 
- Почувствував дека таму луѓето нѐ ценат и мене и моите колеги-музичари и многу сум задоволен од публиката. Тоа ме изненади, бидејќи сепак знам дека Балканот е регион што претрпел многу војни, а во него живеат луѓе што се толку многу духовно богати.