Tuesday, December 10, 2013

INTERVIEW: John Lydon aka Johnny Rotten

Објавено во „Нова Македонија“ на 11.06.2013




Ќе бидам бунтовник додека не умрам


John Lydon, познат и како Johnny Rotten, кој беше некогашен лидер на Sex Pistols, е еден од најбитните луѓе во светската музичка историја, кој го трасираше патот на панк-движењето. Како предводник на култниот Sex Pistols, тој се вбројува меѓу најконтроверзните личности во музичката индустрија, пред сѐ поради своите радикални ставови против музичкиот естаблишмент и британската монархија. По распаѓањето на Sex Pistols, Johnny го оформи бендот Public Image Limited (PIL), со кој објави девет студиски албуми. Во пресрет на неговото прво гостување во Македонија, Johnny даде ексклузивно телефонско интервју за Нова Македонија, во кое, освен за музиката, зборува и за политичките случувања во светот. Скапаниот, како што му беше прекарот во времето на Sex Pistols, и на 55 години сѐ уште е бунтовник, кој се бори за својата кауза.

Од скопскиот концерт на Кале (14 јуни 2013)

Во 2009 година решивте повторно да го активирате Public Image Limited. Зошто не оформивте нов бенд?
- Приказната на PIL сѐ уште не е завршена и јас се обидувам да ја поддржам и да ја продолжам. Додека песните сѐ уште се вртат и се актуелни, за жал, не смеам да престанам да работам, затоа што би го прекршил договорот што го имам со издавачката куќа, но и со членовите на бендот. Полека но сигурно правам чекори за да се надмине оваа ситуација и да можам слободно да ја дистрибуирам преку својата издавачка куќа. Луѓето со кои сега работам се едни од најдобрите во бизнисот. Од оваа временска дистанца и од она што јас се разбирам во бизнисот, PIL ми е најдоброто нешто што сум го направил во последно време.

Иако веќе имате 55 години, во вашите песни сѐ уште се чувствува младешка бунтовност. До кога ќе бидете тинејџер?
- Сѐ уште сум бунтовник, затоа што сум таков по природа. Ќе продолжам да бидам тоа што сум, иако многумина ме презираат и ме навредуваат за тоа. Токму затоа сакам да им порачам на сите и добро да запаметат дека ќе бидам бунтовник сѐ до денот додека не умрам. Мислам дека светот се дели на два типа - на луѓе-бунтовници, во кои спаѓам и јас, и на преостанатите, кои се ѓубре.

Sex Pistols perform in Paradiso, Amsterdam (6 January 1977)

Пред 40 години свиревте во мали клубови, а сега настапувате пред 10 и 100-илјадна публика. Каде, според вас, е вистинскиот рокенрол - во клуб или на голема сцена?
- Рокенролот нема концепт што може да се разбере. Мислам дека воопшто не треба да се прави разлика кој бенд каде свири, дали е тоа клуб или голем простор. Јас насекаде се чувствувам исто, и во мал и зачаден клуб и на големи отворени стадиони. Ова го сфатив уште од првиот ден кога го запознав светот на музиката и кога почнав да се занимавам со ова што го работам сега. Но ако се прашаме каде се чувствувам поубаво, тогаш ќе признаам дека малите клубови сѐ уште ми будат посебни чувства, затоа што нема ништо поубаво од тоа музичарот што настапува да ја гледа публиката директно во очи. Но некогаш и големите фестивали си имаат своја убавина. Тоа е нешто што музичарите го доживуваат како спектакл.

John Lydon backstage at Marquee Club, London (1977)
Веќе дваесет години живеете во Калифорнија. Како ви изгледа таа денес во однос на 1978 година, кога со Sex Pitols ја имавте првата и последна турнеја во Америка?
- Нема некоја голема разлика, освен што порано беше поевтино за живеење отколку сега. Преостанатото не ме загрижува воопшто.

Дали вашата генерација е одговорна за појавувањето на панкот или тоа е само случајност?
- Појавувањето на панкот, кој во тоа време стигна дури до Јапонија, веројатно е коинциденција, но не се коинциденција темите на кои ги пишував текстовите. Токму овие теми, на кои ја темелевме музиката, постоеле многу и пред Sex Pitols и со сигурност ќе постојат во иднина. Ова ви го кажувам искрено и доаѓа од моето срце. Но од она што сум го сфатил по сите овие години, мојата музика е на вистинско место и е тоа што всушност и треба да претставува.


Многумина сметаат дека панкот е последната голема револуција во светската музичка историја. Се согласувате ли со тоа?
- Не мислам дека панкот е последната голема револуција во музиката, затоа што тоа е еден природен процес, кој е почнат од нашите предци. Всушност, оваа револуција е порака за продуктивност, која се пренесува од генерација на генерација. Токму оваа сила се движи преку нас, уметниците, кои сме најголемите и најдобри креации на господ.

Има ли, според вас, на повидок некоја музика или бендови што можат да направат ваков револуционерен чекор?
- Да, тоа е мојот сегашен бенд - Public Image Limited.


Мислите ли дека музиката воопшто може да донесе некоја промена во светот?
- Мојот идол како одговор на ова прашање е Ганди. За жал, овој човек не се поврзува само со движење што го продуцирало неговото име туку и со политика. Тој направил неколку чекори што дотогаш биле неизводливи, како што се подвигот со бркање на Британија од Индија. Никој не верувал во тоа дека може да биде остварливо, а тој го сторил тоа додека бил босоног и гол. Ганди имал сила со зборови да допре до сите и да ја пренесе пораката што сакал да ја чуеме, па токму затоа овој човек е близок и на работничката класа во Британија. Тој верувал во тоа што сакал да го пренесе и не бил насилен, и затоа се угледувам на него и сакам да ја пренесам својата порака до светот.

Пред извесно време почина Margaret Thatcher, која беше еден од најголемите непријатели на Sex Pistols и на панк-движењето воопшто. Мислите ли дека тие непријатели сѐ уште се присутни и денес?
- Верувам дека силите што беа непријатели на нашата генерација сѐ уште се тука меѓу нас, но сега тие се во некоја друга форма.

Од скопскиот концерт на Кале (14 јуни 2013)

Дали од оваа дистанца можете да кажете дека вашите ставови и системот на живеење што сами го градевте пред 40 години сѐ уште се актуелни?
- Нашиот систем е жив бидејќи е насочен кон политиката, а такви луѓе како мене може да видите насекаде. Тие луѓе ја спроведуваат својата агенда против политиката без насилство и се присутни во секое ниво на општеството. Сите тие што се залагаат за оваа кауза себеси се нарекуваат нормални човечки суштества. Овие луѓе застануваат зад нешто во што веруваат исто како што јас тоа го правам низ целата моја кариера. Да бидам искрен, мојата работа и понатаму ќе биде одржување на наследството за кое се залагам. Се трудам да се совлада системот против кого сите ние секојдневно се бориме. Исто така, се залагам да се поттикне и да се направи сето она што се смета за исправно во општествата.

Во Македонија доаѓате првпат, но на Балканот веќе сте свиреле неколкупати. Какво е вашето искуство со балканската публика? 
- Почувствував дека таму луѓето нѐ ценат и мене и моите колеги-музичари и многу сум задоволен од публиката. Тоа ме изненади, бидејќи сепак знам дека Балканот е регион што претрпел многу војни, а во него живеат луѓе што се толку многу духовно богати.


Saturday, March 30, 2013

ALBUM REVIEW: Escape - Foolish Green

Објавено во „Нова Македонија“ на 30.03.2013






Шлаканица за непослушните


Објавувањето деби-албум секогаш носи возбуда, но и страв кај тие што ја создаваат музиката, но и кај публиката. Возбудата кај авторите е поради тоа што се впуштаат во нешто што дотогаш не го правеле, а стравот - затоа што влегуваат во една поинаква матрица. Слушателите, пак, имаат друга перцепција. Стравот кај нив повеќе е скепса и неверување во квалитетите на луѓето што секојдневно ги сретнуваат на улица. Ова особено важи за нашето поднебје. Но, и покрај тоа, домашните млади автори не отстапуваат од своите идеи, туку цврсто газат по непороодниот пат, со директно вперен прст кон неправдите и зборувајќи на мегафон како предводници на бунтовничката генерација. Тоа го докажува и групата Foolish Green, со својот албум-првенец Escape, во кој нагласено се чувствува неправедната борба и спиритуалното бегство од реалноста.


ИЗВЕДУВАЧ: Foolish Green

НАСЛОВ НА АЛБУМОТ: Escape

БРОЈ НА ПЕСНИ: 12

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 48,17 минути

СНИМАН: 2011/2012 г.

ПРОДУЦЕНТ: Ненад Стефановски

ЖАНР: психоделичен рок

ИЗДАВАЧ: Password Production

ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 28.02.2013



Во овој 48-минутен материјал, поделен на 12 песни, лидерот и идеен творец Ненад Стефановски-Брус, се обиде и направи нешто што и на многу поискусни музичари не им успеало. Тој и другите од бендот изградија свое прибежиште во кое нештата се случуваат поинаку, а од минималниот визир го гледаат светот од поинаква перспектива. Психоделичната атмосфера што преовладува во албумот е уште еден доказ за тоа како една загубена генерација го восприема тоа што некој им го наметнувал со години. Всушност, во овие 48 минути е запишан процесот на вонтелесната репродукција на квазихуманоидите што владеат со светот и непронаоѓањето решение за нивно уништување и искоренување. Таквата апокалиптична и психоделична атмосфера се чувствува во песните Sun is gone, Faux, Fade away и Thousands years of sorrow. Но Foolish Green не е група на млади и зелени, напротив, тоа се луѓе со изграден став, самодоверба и голема борбеност што ја прикажуваат во пените Let me out и Magnum 44. Секако тука има и теми со љубовна тематика, како што се Lover doll, Laika, Dont need no love, каде што повторно во заднина се чувствува скриена тага, болка и барање излез од оловните окови на љубовта.
Од музичко-техничка страна, албумот едри на ветрот на британскиот звук, каде што се испреплетуваат психоделијата од 1960-тите и 1970-тите години од работилницата на Pink Floyd и етеричниот период на The Beatles, потоа гитарската школа од 1980-тите, комерцијалниот брит-поп од 1990-тите години и инди-звукот на новото столетие. И сето тоа спакувано во финален продукт со искрена и непретенциозна желба за подобро утре.
Албумот Escape можеби најдобро си го опишаа самите автори, кои на неговата корица го испишаа цитатот на Франц Кафка: „Постојат безброј прибежишта, но само едно бегство. Но има толку можности за бегство колку што има и прибежишта“.
За македонската рок-сцена Escape претставува фрлена ракавица кон музичките неверници. Секој што ќе го прифати двобојот ќе добие подарок, а непослушните шлаканица.



Wednesday, March 27, 2013

ALBUM REVIEW: Zlaten presek - Chromatic Point


Објавено во „Нова Македонија“ на 31.12.2012





Звуци што „збудалуваат“
и носат чувство на сигурност



Дебитантското издание на составот Chromatic Point, насловено Златен пресек, ја размрда домашната рок-музика, која последниве години и онака бележи одличен напредок. Иако групата во овој состав е релативно нова во домашното рок-стадо, членовите зад себе имаат повеќегодишно искуство во неколку различни гаражни бендови, што е вистинскиот клуч за успех. Покрај тоа, некои членови имаат и музичко образование, додека, пак, другите се самоуки со упорност што може да се почувствува на ова парче пластика. Ваквиот спој на искуство, образование и упорност е вистинската формула за создавање препознатлив звук.
Албумот Златен пресек плови на брановите на тврдокорните метал-звуци, каде што до израз доаѓаат индивидуалните инструменталистички способности на секој од четворицата членови на Chromatic Point. Станува збор за инструментален албум, без ниту еден вокал, каде што бучните звуци се испреплетени со македонски мотиви, кои даваат до знаење дека убиствената четворка пред сe` гледа во своето маало, а не прави никакви пресликувања на глобалните тенденции што доаѓаат од студениот европски север.



ИЗВЕДУВАЧ: Chromatic Point

АЛБУМ: Златен пресек

БРОЈ НА ПЕСНИ: 8

ВРЕМЕТРАЕЊЕ: 40,03 минути

СНИМЕНО: февруари-април 2012 г.

ЖАНР: инструментал / етно-метал

ИЗДАВАЧ: Ezgia Records

ДАТУМ НА ОБЈАВУВАЊЕ: 05.12.2013



Посегнувањето по сопствената традиција е предизвик дури и за најголемите, но овие млади момци тоа го направиле без страв и со изграден став кон тоа што се нарекува македонски бит, без притоа да ја осквернават или да ја упропастат идејата на своите предци. Тоа може да се види и во насловите на песните, кои се единствениот текстуален дел на албумот, а меѓу нив се и Разловци 1876, Рожба, Малешевска реченица или На пат кон дома.
Секако, во прв план на Златен пресек доаѓа извонредната гитарска техника на Сашко Бранковски, кој во 40-минутниот материјал го вози слушателот низ несекојдневните спиритуални чувства. Неговата нагласена агресивност е борба на доброто и на злото и претставува одглас на бесот, кој затскриено тлее во дамарот на неговата душа.
Ритам-секцијата, која ја сочинуваат тапанарот Влатко Ѓоргиевски-Далтон и басистот Ален Спасевски, е таа што ја води играта. Нивните синкопирачки ритми ја дополнуваат целата возбуда. Кога на сето тоа ќе му се додаде и суптилниот звук на клавијатуристот Душко Ичев, кој постојано се провлекува низ 40-минутниот материјал, станува јасно зошто оваа четворка функционира и како компактна целина. Импровизирачките моменти на секој од нив, кои се чувствуваат во неколку налети низ целиот албум, се доволен доказ дека овде не се работи според строго определени решенија, туку дека нивната потрага по совршенството е на повисоко ниво со хармонски решенија што на моменти збудалуваат и предизвикуваат чувство на сигурност.


Tuesday, March 26, 2013

ИНТЕРВЈУ: Ненад Стефановски-Брус (Foolish Green)

Објавено во „Нова Македонија“ на 15.03.2013





Свириме музика
не претставуваме нации


Групата Foolish Green на домашната рок-сцена се појави предминатата година, а со својот сингл Laika, кон крајот на 2012-та, го најави својот поход. По одличното прифаќање на синглот, шестчлената музичка банда, предводена од харизматичниот вокалист и гитарист Ненад Стафановски-Брус, конечно го објави својот деби-албум Escape. Иако Ненад претходно беше познат како рапер, членувајќи во некои домашни хипхоп-состави, овој пат се претставува од поинаква перспектива. Албумот Escape вечерва ќе биде концертно промовиран во киното Фросина во МКЦ, а заедно со Ненад на сцената ќе застанат и другите членови од бендот - гитаристите Нико Гаврилов и Давор Стојановски, басистот Теодор Бошков, клавијатуристот Стефан Пехчевски и тапанарот Стефан Дамјаноски.

Фото: Кристијан Теодоров

По долги години во рап-музиката, конечно формираш рок-бенд. Што те испровоцира да се впуштиш во рок-музика и дали таа ти дава поголема слобода на изразување?
- Со музиката веќе подолго време сум во здрава љубовна врска и, во суштина, тоа ме поттикнува да креирам разни жанрови паралелно со хипхопот. Слободата на изразување во ниту еден музички правец не ви се одзема, освен ако таа не е за некаква политичка пропаганда, песна за партија, реклама за детергент и сл. Но кога би морал да споредам, овој израз некако повеќе се лепи на мојата личност, што беше и првична причина да соберам нова банда, која е на иста бранова должина со мене.

Албумот го насловивте Escape. За какво бегство всушност станува збор?
- Escape е концепт, идеја, мисла за психолошко бегство во свој свет, свои мечти, свое скривалиште, каде што не постојат пречки, нема сомневања, нема часовник, каде што никој не може да те разбуди во најубавиот миг од сонот, кога сонуваш без да спиеш. Излез од колективно наметнатото, од неправедностите и од бесмислиците на светот, од границите на материјалниот свет и од рамките на сивото секојдневие.


Фото: Менче Петреска
Музиката на албумот е во манирот на брит-школата и тоа од 1990-тите, но и малку порано, а на неко места може да се почуствуваат и влијанија на The Beatles, пред се` од нивната Lucy in the Sky with Diamonds. Зошто се решивте да го правите албумот во тој брит-фазон во кој провејува инди-звукот, психоделијата од 1960-тите и 1970-тите, па се` до рифовите од британската гитарска школа од 1990-тите?
- Тоа е широк спектар на музички правци, кој се создаде во периодот на 1960-тите години, преку прогресивните чувства на тогашната младина, чија цел е ослободување од конзервативните ставови. Тоа е бунт против едноумието и политичките режими во тоа време. Всушност станува збор за еден вид експанзија, револуција, експлозија на внатрешните чувства. Тоа е коренот, основата на која сум најнавлечен и го сметам за правец што оттогаш се развива на илјадници начини и нуди простор за многу експериментирање.

Покрај музичкиот, и текстуалниот дел е доста силен, издржан и реален. Колку е битен текстот за комплетниот производ? Може ли да има добра песна без добар текст?
- Не секогаш текстот ја има водечката улога во музиката. Комплементарните ритам и мелодија, инструментални композиции понекогаш кажуваат многу повеќе од кој било збор. Тоа е избор на самиот автор, по неговиот пристап и израз можете да нурнете во мал дел од неговата фантазија, имагинација, личност, став, карактер. Самиот текст, односно вокал во одредената дикција, тоналитет и полиритмија, е како дополнителен инструмент во целата композиција. А во моментов не можам да се сетам на добра песна каде што текстот ми боде уво...

Фото: Кристијан Теодоров
Иако албумот се` уште не е официјално промовиран, веќе добивте многу позитивни критики, и тоа не само во Македонија туку и од блиското соседство. Колку тоа ќе ве поттикне да одите на турнеја надвор од нашата држава и да ја претставите македонската сцена на еден поинаков начин?
- Наша идеја и желба е да создаваме музика, да свириме, да ја шириме нашата порака и не поаѓаме од тоа да претставуваме нации. Во уметноста, науката и медицината, потеклото на креаторот е ирелевантно, релевантни се само духот и делото.

Во која насока би одел Foolish Green во наредниот период? Би се задржале на ова што го правите сега или можеби ќе има некоја нова форма?
- Сите од колективот имаме илјадници почнати проекти и идеи со надеж дека некогаш ќе бидат завршени. Во некои од нив уште отсега ги гледам идејата и правецот во кои ќе се развијат. Веќе е почната подготовката и на вториот албум на Foolish Green, каде што и другите членови ќе имаат голем удел во начинот на изведбата и компонирањето. До некаде ќе се задржи овој музички приказ, но ќе има блага промена во самиот звук, можеби и во јазикот, но сепак с? уште е рано да се говори за тоа.


Friday, March 8, 2013

INTERVIEW: Billy Gibbons (ZZ Top)


Објавено во „Нова Македонија“ на 21.10.2009




Нашите концерти се
како менување дискови во џубоксот


ZZ Top е американска група што има големо влијание во светската популарна музика. Користејќи го традиционалниот тексашки блуз, како основа, тројката успеа да го надгради и да го продаде како врвен комерцијален производ, без притоа да навлегува во непотребни експериментирања.
Групата е оформена во 1969 година во Хјустон, во американската сојузна држава Тексас. Триото веќе 40 години го сочинуваат Billy Gibbons, Dusty Hill и тапанарот Frank Beard. Кариерата на овој рок-бенд, чија музичка основа се блузот и бугито, почна со објавувањето на деби-албумот насловен симболично „Првиот албум на Зи-зи топ“ (ZZ Top’s First Album), по што на средината на седумдесеттите години од минатиот век следуваа и Tres Hombres (1973) и Fandango! (1975), со хитовите La Grange и Tush. Но најдобрите години на ZZ Top се 1980-тите, кога на светскиот дискографски пазар се појавуваат албумите Eliminator (1983) и Afterburner (1985) од кои излегоа и големите хитови како Gimme All Your Lovin‘, Dressed Man, Legs, Velcro Fly, Rough Boy, Sleeping Bag и други. Речиси сите овие синглови беа проследени со необични видеоспотови, со стилизирани автомобили и секси-девојки, кои покрај долгите бради на Gibbons и Dusty Hill, станаа заштитен знак на групата, но и на музичката телевизија MTV, која во тоа време почнуваше да се пробива во светскиот телевизиски етер.
На радост на големиот број нивни обожаватели, ZZ Top, во рамките на светската турнеја, пристигнаа и на Балканот. Тие веќе одржаа два концерта, во Љубљана и во Белград, а утревечер, во 21 часот, ќе свират во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Сите три концерти се во организација на македонската „Авалон продукција“. Во пресрет на скопскиот концерт, гитаристот Billy Gibbons, даде интервју за „Нова Македонија“.


ZZ Top е на чекор да ја прослави својата 40-годишнина од оформувањето на бендот и од објавувањето на ZZ Top’s First Album. Како во овие четири децении се развиваше групата и што научивте за минатите децении?
- Ние работите ги сфативме уште во првата година, а наредните 39 ги потрошивме на дотерување на фините нешта. Навистина, немаше некоја голема промена бидејќи ние сме истите тројца момци што ги свират истите три акорди. Ја научивме важноста на наоѓањето на мексиканска храна на најневеројатни места.

Во кариерата, ZZ Top одржа голем број концерти и продаде над два милиони албуми, но за прв пат доаѓате во Македонија. Имате ли претстава каде ќе свирите на 22 октомври, и знаете ли дека тука има голем број ваши обожаватели?
- Ние сме повеќе од свесни каде доаѓаме и нестрпливо чекаме да свириме за нашите фанови во Македонија. Тука сме за да комуницираме со сите ZZ Top-зависници, и тоа не само во Македонија. Искрено многу сме возбудени од средбата со повеќето од нив кои не слушаат и кои растеа со нас во изминативе 40 години.

Дали за овој дел од Европа, за Балканот, има некоја посебна сет-листа со најголемите хитови или ќе се држите до веќе утврдената од актуелната светска турнеја?
- Сетот на песни секогаш варира и се менува од свирка до свирка и од место до место. Не знаеме што ќе свириме сé додека не наближи шоуто. Понекогаш се навраќаме на песните од нашиот прв албум, а понекогаш наоѓаме песна која никогаш не сме ја ни снимиле. Тоа дефинитивно ги прави работите поинтересни, дури и мистериозни. Тоа ти е нешто како менување дискови во џубоксот.

Од скопскиот концерт на 22 октомври 2009
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Објавивте дека тргнувате на европска турнеја веднаш по прекинувањето на заедничката со Aerosmith, откако на еден концерт се повреди нивниот пејач Steven Tyler. Дали токму на оваа територија сакате да ја потиснете болката и да го заборавите тој немил настан?
- Уште додека траеше заедничката американска турнеја со Aerosmith, ние имавме цел враќање на убавите времиња низ Европа. Свирењето на европско тло е нешто неверојатно и секогаш возбудливо. Тука е вистинскиот рокенрол.

Иако сте на турнеја, сепак се зборува дека подготвувате и нов албум што ќе го работите со славниот продуцент Rick Rubin. Може ли да очекуваме малку пожесток звук или ќе го задржите својот препознатлив тексас блуз-рок?
- Да иако сме на пат, ние постојано запишувавме некои работи во текот на концертите и дома ќе си отидеме со сортиран материјал. Rick ќе ни се придружи како дополнителен музичар и визионер. Со нетрпение ги чекаме студиските сесии во студиото Double R.

Во својата колекција ја имате и гитарата наречена Muddywood. Може ли накратко да се раскаже приказната за таа мистична гитара?
- Тоа е гитара која е изработена од трупец од чемпрес кој бил дел од покрив на куќата на легендарниот блуз музичар Muddy Waters, сместена на плантажата Стовал во Кларксдејл, Мисисипи. Силна бура откорнала неколку дрва од покривот на куќата. Ние добивме дозвола да земеме едно од нив, и го трансформиравме во гитара која што му ја посветивме на Waters. На самиот врат на гитарата, од горе па надолу претставена е калливата река Мисисипи.

Од скопскиот концерт на 22 октомври 2009
Фото: Маја Јаневска-Илиева
Пред дваесет и пет години, на насловницата од албумот Eliminator, имаше специјално дизајниран автомобил, кој се појавуваше и во некои спотови, што подоцна стана заштитен знак на ZZ Top. Која е врската меѓу, музиката, автомобилите и секси-девојките кои ги гледавме во тие спотови?
- Идејата на спотовите на ZZ Top е чувството дека луѓето уживаат гледајќи убави жени и бесни автомобили повеќе од сé друго. Ние некако имаме споредна улога во тие спотови. Практично ние сме „Грчки хор“ (жаргон што означува група на споредни актери на сцена кои го коментираат дејството, н.з.), додека автомобилите и прекрасните девојки се во фокусот. Ние уживаме да присуствуваме на сетот и како изведувачи и како гледачи.

Во еден од вашите најголеми хитови Legs, пеете за женски секси нозе. Дали навистина пости девојка чии нозе се опеани во песната?
- Да, секако...! Стиховите настанаа по една случка, додека се возевме низ Хјустон кога не фати една бура голема како Тексас. Тогаш забележавме млада дама, со мини здолниште, која стоеше на тротоарот и беше мокра до гаќи. Се договоривме да и понудиме превоз и шанса да се исуши и да се стопли. Но, додека да застанеме до рабникот на тротоарот таа веќе беше замината. Тогаш ни дојде идеја за песната, и таа настана спонтано. Девојката имаше навистина прекрасни нозе и очигледно знаела како да ги искористи.


Не ги избричија брадите ни за милион долари

Во 1984 година компанијата Gillette им понуди на Dusty Hill и Billy Gibbons хонорар од еден милион долари, за да ги избричат брадите, за потребите на снимањето на нивната нова телевизиска реклама. И покрај тоа што сумата беше навистина голема, двајцата брадести членови на ZZ Top, ја одбија понудата велејќи: „Без брадите сме навистина грди“.
Нивните бради станаа мит, па поради тоа тие се осигурени на милионска сума пари, која не се соопштува.



Wednesday, February 27, 2013

ИНТЕРВЈУ: Кирил Џајковски


Објавено во „Екран“ на 25.10.2001




Нема поубава работа од спој
меѓу пријателство и креативен труд



По промоцијата на саундтракот Прашина што се случи деновиве во Музејот на современа уметност во Скопје, логично беше да направиме еден „домаќински“ муабет со Кирил Џајковски, авторот на оваа музика. Но, поради неговата презафатеност „домаќинскиот“ муабет моравме да го оствариме со посредство на e-mail...


Што за тебе како автор на музика значи саундтракот Прашина?
- Правењето на музиката за Прашина беше навистина фасцинантно искуство. Од самата подготовка, до снимањето со оркестар во Лондон и постпродукцијата на звукот и сликата, беше еден голем креативен предизвик на кој му се предадов во целост. Јас и порано имав работено применета музика, но ова е мој прв проект од оваа величина и важност. Крајниот резултат е еден голем филм за што се гордеам дека сум дел од него.

Како е да се соработува со Милчо Манчевски сега, за разлика од времето кога соработувавте во групата Бастион, особено на проектот Врелите ноќи во Мексико?
- Во музички термин тоа тогаш можеби беше една етида, а ова денеска е симфонија. Тоа се однесува само на обемот на работата. Во смисла на комуникација и во смисла на креативно размислување временска дистанца мислам дека воопшто не постои. Милчо е инспиративен автор, неговото влијание и тогаш и денес е извонредно искуство, а во исто време наполно нормално и спонтано. Ние и приватно се дружиме и нема поубава работа од спој меѓу пријателство и креативен труд.

Како дојде поканата од Милчо за пишување музика за филмов?
- Милчо едноставно ми го даде сценариото да го прочитам и ме замоли да напишам некоја тема врз основа на тоа. Јас напишав две, од кои едната подоцна стана главна тема во филмот. Се` тргна од тоа...

Во која насока ќе оди понатаму твоето музичко вјерују, по Synthetic Theatre, Homebound, Religion & Sex и конечно Прашина?
- Моето следно издание веројатно ќе биде музика од театарски претстави на кои досега сум работел. Мислам дека тоа е еден многу интерен и шаренолик материјал кој повторно ќе понуди некоја поинаква варијанта од она што сум го работел во минатото.


Што значи во конкретна, комерцијална смисла за тебе, партиципирањето со една нумера на француското компилациско издание Dynamik, на француската издавачка куќа Vital Song, за што конкурираа стотина музичари од Источна Европа, а се квалификуваа само девет, меѓу кои и ти? И, наедно, што значи за тебе што Virgin Records ја откупи лиценцата за саундтракот Прашина?
- Драго ми е што се појави еден мој ремикс на таа компилација. Такви изданија секогаш помагат во додатната промоција и презентирање на она што го работам. Инаку, наскоро треба да се појават на европскиот пазар уште две компилации на кои се вклучени и мои композиции. Едната се вика Music for dreams и ја издава Данската филијала на EMI, а другата би требало да биде компилација што ја презентира DJ Pathaan, диск-џокеј од Лондон, кој истовремено и пишува за лондонското списание DJ.
Фактото што Virgin ќе го дистрибуира саундтракот на Прашина значи дека цедето ќе го има во сите земји каде што ќе се прикажува филмот. Таа синхронизација со филмот е многу битна за да се овозможи и навремено презентирање на музиката од филмот.

Зошто го направи кафулето Бастион? Поради некаква скопска „чивија“, од комерцијални причини или од некакви други боемски причини... ?
- За тоа се виновни моите пријатели. Јас не бев сигурен за таа идеја, но тие некако ме убедија и еве сега навистина ми е драго што имам каде да уживам во прекрасната есен.

Твојата некогашна колешка од Бастион, Ана Костовска, по години поминати во Суботица конечно се врати во Скопје. Мислиш ли на некаква повторна соработка со неа?
- Зошто да не? Ана е многу талентирана и креативна личност. Таа има прекрасен глас и ако има време и услови, јас сум секогаш отворен за повторна соработка.


Соработуваше со Горазд Чаповски и неговиот бенд Кисмет, помина некое време како член на Леб и Сол, соработуваше со уште едно чудо музичари од некогашна Југославија... Со кого имаш најубави искуства, музички и човечки?
- Сите тие искуства преку соработката со разни музичари се драгоцени. Сите луѓе што ги споменуваш се одлични музичари и многу интересни луѓе. Нашето дужење и заедничка работа е едно мноштво спомени, искуства, доживувања... Тешко е да се издвојат посебни моменти.

Деновиве практично си недостапен за новинарите, работиш во студио... Можеш ли да откриеш што снимаш?
- Во студиото Видеолаб, го завршуваме третиот видеоспот со филмски материјали земен од Прашина. Мислам дека тоа на еден убав начин ќе го заокружи визуелното презентирање на музиката од филмот.

Како врз тебе како уметник влијае сегашнава политичка ситуација во земјава и како се снаоѓаш во сето тоа?
- Се обидувам тоа да не влијае врз мене. Дури и обратно. Во такви услови уметноста треба да влијае, да го ублажи тоа негативно влијание врз луѓето што го создава дневно-политичката ситуација. Не само како форма на ескапизам, туку и да ги потсети луѓето на убави работи.

Остануваш ли во земјата на своите предци или гледаш побрзо да „збришеш“ надвор...?
- Јас никогаш не сум ни чуствувал дека сум ја напуштил својата земја. Извесен период само сум бил физички отсутен. Јас и понатаму ќе патувам и понекогаш нема да ме има овде, но тоа е само дел од работата. Просторот од кој потекнуваш живее во тебе и го носиш и на крајот на светот.


Wednesday, February 13, 2013

INTERVIEW: Al Di Meola

Објавено во „Нова Македонија“ на 11.11.2008



Не може да се научи 
да се чувствува музиката


Al Di Meola е култна личност, кој придонесе за креирањето на сосема поинаков начин на свирење гитара. Со само 19 години беше рамноправен член на легендарниот џезрок-состав Return to Forever, во кој свиреше заедно со пијанистот Chick Corea, басистот Stanley Clarke и со тапанарот Lenny White. Иако во групата беше релативно кратко време, сепак тој е потпишан како автор на најбитните албуми на Return to Forever, како што се Where Have I Known Before, No Mystery и Romantic Warrior. По заминувањето од групата, ја почнува соло-кариерата, која ја гради свирејќи акустична гитара, а музиката ја базира на фламенкото и тангото, испреплетувајќи го со многу џез-елементи. Повод за ова ексклузивно телефонско интервју е настапот на Al Di Meola во Скопје, на 16 ноември, во Универзалната сала. Овој настап е во рамките на неговата светска турнеја на која го промовира музичкиот проект World Simfonia.


Македонската публика ве памти уште од 1997 година, кога свиревте на Скопскиот џез-фестивал. Се сеќавате ли на тој концерт и кои се впечатоците од него?
- Се сеќавам дека имаше одлична публика. Бев топло примен од македонската публика. Тоа беше една добра музичка вечер. Тогаш еден музичар ми подари еден од жичените национални инструменти што се користат во регионот, на кој не му го памтам името и, навистина, се срамам поради тоа. Можеби вие можете да ми помогнете кога ќе дојдам во Скопје.

Она што денес го свирите се разликува од вашите почетоци во групата Return to Forever. Што е тоа што ве натера да посегнете кон латино-звукот или сметате дека тоа е само некоја понапредна варијанта на Return to Forever?
- Па, во текот на мојата работа со латино-музиката сфатив дека се отвораат многу повеќе можности за игра со латино-ритмите во ворлд-музиката отколку со електронската музика. Акустиката е многу покомплицирана и дозволува многу играња и промени. Таа нуди многу повеќе можности за работа, бидејќи сега имаме многу рефлексии на танго, измешани со светска музика, а сето тоа бидејќи акустичната гитара дава многу поголемо поле за игра од електричната.

Кои се искуствата од Return to Forever што ги пренесовте во вашата соло-кариера?
- Имав голема инспирација, која ми беше пренесена од Chick Corea, еден од најголемите музичари на сите времиња, но исто и одличен композитор, кој ми ја пренесе лекцијата на компонирањето и важноста на добрата композиција. Тој имаше огромно влијание и на мојот пристап кон компонирањето и токму тоа придонесе да станам многу поинструментален.

Кои се вашите најубави моменти со Return to Forever? Можете ли да издвоите некои?
- Изненадувачки, но мислам дека најдоброто шоу што го изведовме низ Европа беше во Белград, во вашето соседство. Но интересно е тоа што токму таму најмалку користевме своја опрема, па моравме да импровизираме.


Ќе може ли македонската публика на концертот на 16 ноември да чуе нешто од репертоарот на Return to Forever?
- Овој пат ќе биде поинаку, затоа што на овој концерт ќе свирам песни од мојата соло-кариера. Но ќе има музика со која присутните ќе можат да се поврзат со музиката на Return to Forever.

Секогаш сте успевале да искомбинирате многу стилови, а најмногу сакате да експериментирате со латино-звуците. Како ви успева тоа, а притоа да не звучи веќе познато и досадно?
- Секогаш сум сакал да искомбинирам различни елементи за да создадам нешто што ќе биде оригинално. Сакам кога музиката што ја правам има многу душа во себе.

Вашата гитаристичка техника инспирира многу светски гитаристи, а некои ги натера да потрошат многу часови совладувајќи ја. Која е тајната што многумина и ден-денес не можат да ја откријат?
- Тоа е тајна, а бидејќи е тајна, не можам да ви ја откријам.

Од скопскиот концерт на 16 ноември 2008, во Универзалната сала.
Фото: Игор Бансколиев

Во ред, тогаш кажете ми како успеавте да ја создадете вашата специфична техника на свирење?
- Кога станува збор за ритамот имате вродена способност да го свирите, бидејќи сте родени со него. Некои луѓе тоа го имаат повеќе во себе, некои помалку, а некои никогаш нема да го имаат. Од друга страна, кога станува збор за хармониите и за другите аспекти на музиката тоа е нешто што во секое време можете да го научите. Но не можете да научите да ја чувствувате музиката. Тоа е способност што се стекнува многу рано, можеби дури и пред да почнете да зборувате. А кога ќе откриете дека тоа можете да го правите во ритам, тогаш можете да ја однесете музиката на ново ниво. Другото е само механичко, односно постојано вежбање, а се разбира и емоциите што луѓето ги имаат влијаат и на типот на техниката што ќе ја прикажат.

Сте соработувале со големи пијанисти како Chick Corea и Gonzalo Rubalcaba. Колку нивниот квалитет придонесува за развојот на вашата музика?
- Дефинитивно Chick Corea најмногу влијаеше на мене, бидејќи тој не е само феноменален изведувач, исто како и Gonzalo Rubalcaba. А особено кога станува збор за нивната способност да свират ритмично. Ретко кои инструменталисти можат да го достигнат нивното ниво. Исто така, Chick е многу силен кога станува збор за композицијата, а тоа е многу ретка способност. Има многу музичари што се добри како инструменталисти, но нема многу големи и славни композитори. Тоа е способност што или ја имаш или ја немаш.

Освен со пијанисти, сте соработувале и со врвни гитаристи. Со Paco de Lucia и со John McLaughlin направивте еден од најдобрите албуми, а вас тројцата ве нарекуваат гитаристичките „три тенори“. Колку тој проект е значаен за вас и за светската музичка сцена?
- Тоа беше одлично, затоа што беше првиот голем успех постигнат со три акустични гитари на тоа ниво. Ние бевме првите што накалемивме фламенко во џез-музиката, и тоа беше нашиот голем придонес на музиката. Но кога бевме на сцената, тоа што публиката најмногу сакаше да го види беше натпреварот меѓу нас. Тоа беше елементот што создаваше вистински силна атмосфера, а исто така нe` тераше и да растеме и постојано моравме да бидеме сe` подобри и подобри. Со таква група никогаш немаше време за одмор.



Албумот Consequence of Chaos од 2006 година беше вашиот прв албуми по десетина години на кој повторно свирите електрична гитара. Што беше инспирација за овој албум и што ве натера повторно да засвирите на електрична гитара?
- Па во меѓувреме многу пораснав како композитор, а што се однесува до инспирациите тие најчесто доаѓаат во мојот дом на плажа во Мајами Бич. Наутро ги отворам вратите и го слушам океанот и разгледувам секакви нови идеи за мојата музика. И во основа по многу години електричната гитара првпат ми се виде како израз што кај мене може да внесе нова свежина. Токму поради тоа и се вратив, бидејќи за мене таа дава сосема свеж и нов звук.

Колку што ми е познато, вашата прва љубов била хармониката, потоа тапаните, па дури подоцна гитарата. Зошто ја одбравте токму гитарата како инструмент преку кој на светот ќе му ги презентирате вашите музички идеи?
- Кога првпат почнав да свирам гитара, електричната гитара беше нова и многу популарна. Таа даваше многу привлечен звук и кога првпат фатив електрична гитара во рацете, се чувствував како мало дете. Тоа беше инструмент на кој едноставно сакав да свирам. Хармониката беше многу поинтересна за свирење, но сега во моментов таа е само еден многу убав инструмент. Многу сум среќен што со мене во Скопје ќе дојде и одличен хармоникаш.

Дали уште свирите на хармоника?
- Не воопшто не свирам на тој инструмент. Тоа е веќе минато. Гитарата многу одамна е мојот животен инструмент.