Friday, November 9, 2012

INTERVIEW: Fernando Ribeiro (Moonspell)

Објавено во „Нова Македонија“ на 04.12.2009




Да слушаш добар метал е исто
како и да одиш на опера



     Најпознатиот португалски метал-состав Moonspell, утревечер, ќе настапи на финалната вечер на единаесеттото издание на фестивалот Таксират. Петчлената група, која ја сочинуваат вокалистот Fernando Ribeiro, гитаристот Ricardo Amorim, басистот Aires Pereira, клавијатуристот Pedro Paixão и тапанарот Mike Gaspar, ветува дека ќе направи одлична атмосфера, имајќи предвид дека, освен моќната музика, нивниот настап ќе биде збогатен со визуелно-светлосни елементи.
     Иако Moonspell на светската сцена опстојува повеќе од две децении, сепак кај нас малкумина се запознаени со неговата музичка кариера. Првиот албум „Wolfheart“ го објавува во 1995 година, но најголема слава постигнува со излегувањето на албумот „Sin/Pecado“, кој се појави три години подоцна. Со него Moonspell стигна на првото место на португалските топ-листи, нешто што им успеало само на Metallica“ и на Iron Maiden. Во 2006 година пристигнува и новата албумска објава „Memorial“, која се продаде во златен тираж, со што Moonspell станува прв португалски бенд што продал албум во ваков тираж. Истата година момците победуваат на MTV Europe Music Award во категоријата најдобар настап за подрачјето на Португалија.
     Во пресрет на настапот во Скопје, разговаравме со пејачот Fernando Ribeiro, кој наедно е и гласноговорник на бендот.



Бендот постои веќе 20 години. Што е тоа што ве поврзува вас музичарите да можете да опстојувате толку долго и заедно да создавате?
- Многу работи нe` поврзуваат, но најдобро од сe` е тоа што не се прашуваме често кои се тие работи и продолжуваме да живееме заедно создавајќи музика без потреба од објаснување. Секако, пред сe` тука се пријателството, креативноста и знаењето за тоа кој каде припаѓа. Тоа накратко е суштината на работењето на Moonspell.

Зошто го одбравте токму овој вид музика за изразување на вашите животни ставови?
- Одлуката да почнеме да создаваме музика со брз и разорен ритам повеќе беше страст во потрагата по патот што ни го покажаа бендовите од истиот правец. Тоа се групите што ги сакаме и ги почитуваме, а од кои може да се издвојат Type O Negative, Celtic Frost, Bathory, Tiamat и други. Всушност тоа се групи што имаат силни карактеристики, но во исто време можат да се предизвикаат себеси и својата публика во нешто попредизвикувачко дури и авангардно.

Свирите музика што не е баш специфична за поднебјето од каде што доаѓате. Звучите како да доаѓате од Скандинавија. Зошто решивте да посегнете по нешто што не е препознатливо за Португалија?
- Веројатно тоа е така затоа што менталитетот придонесува за погрешна претстава дека ако си од Португалија или од Македонија треба да свириш фолк-музика и дека твојата визија за рок или за метал не е добра како на бендовите од Скандинавија, Англија или од Америка. Доколку се обрне поголемо внимание на текстовите, рифовите, па дури и на начинот на кој ја свириме, тогаш ќе се сфати дека нашата музика е многу португалска. Одличен пример за тоа е темата Alma Mater од нашиот прв албум „Wolfheart“ или, пак, песната Antidote од истоимениот албум, која е неверојатен микс на фадо, меланхолија и метал.


Вие сте едни од ретките бендови од Португалија што свират метал-музика, а сепак постигнавте некоја светска слава. Што е тоа што ве прави препознатливи на музичката сцена?
- Секогаш се трудиме да бидеме уникатни, да имаме наше место на сцената, а луѓето го почитуваат тоа. Но најбитно од сe` е дека тоа е многу поголем број луѓе отколку што сме замислувале во најлудите соништа.

Moonspell е состав што освен Metallica и Iron Maiden, единствено се има искачено на првото место на португалските метал-музички листи. Какво е чувството да бидете во друштвото со нив?
- Чувството е прекрасно, но на крајот се се` сведува на бројки. Кога ќе постигнеш нешто такво, тогаш почнуваат тешката работа и борбата за да ги задржиме главите над површината на водата. Ние сме мали во споредба со овие имиња, но напорно работиме за да го следиме нивниот пат.

Според вас, каде припаѓаат бендовите од светската музички сцена што свират ваков вид музика во однос на другите музички правци и воопшто во однос на културата на глобално ниво?
- Би рекол дека ние сме дел од сцената родена во деведесеттите години на минатиот век, со бендови како што е Tiamat . Тогашните вибрации имаа мрачен и тежок звук, но не да се потпаѓа под влијанието на хевиметал-клишеата туку да се развива звукот со стил. За мене металот е култура, слично како литературата, сликарството и слично. Од моја перспектива да слушаш добар метал е исто како и да одиш на опера или да гледаш некоја филмска класика.

Со кои бендови од светската метал-сцена досега сте свиреле заедно?
- Сме свиреле со многу групи од помал, но и од поголем калибар, и секогаш чувството е одлично, затоа што на сцената се разменува голема енергија. Од поголемите музички имиња, досега сцената сме ја делеле со Metallica, Slipknot, Type O Negative, Kiss, Cradle of Filth, Marilyn Manson и други.




На фестивали обично настапуваат бендови со различен музички стил. Што е за вас подобро, да се свири на вакви фестивали, да се настапува на тематски (на пример метал-фестивал), или, пак, најдобро е да се има сопствен концерт?
- На фестивали свириме од 1995 година и уживаме во тоа. Мислам дека сите фестивали си имаат своја убавина и секогаш се поопуштени. На фестивалите каде што има групи од различни музички стилови има слаба атмосфера на сцената, но затоа пак има поголем број луѓе што сами си ја прават забавата. Секако ние повеќе сакаме да имаме наши свирки, со наша опрема и визуелни ефекти.

Какво шоу можеме да очекуваме утревечер во Скопје?
- За настапот во рамките на фестивалот Таксират, се подготвуваме како и за секој наш концерт. Ве уверувам дека сите што ќе дојдат ќе си поминат убаво, затоа што ќе бидат изложени на страстен, интелигентен готик-метал, со многу ентузијазам, а сето тоа ќе биде збогатено со визуелно-светлосни елементи. Многу сакаме да свириме во живо и добро го правиме тоа и затоа бидете таму и гледајте не, нема да зажалите.

Знаете ли нешто за македонската метал-сцена и воопшто за рок-бендовите од нашата држава?
- Не, но се надевам дека ќе дознаеме повеќе во текот на нашата посета.



Monday, November 5, 2012

ИНТЕРВЈУ: Кирчо Арсовски (Т.Б. Трачери)

Објавено во „Нова Македонија“ на 30.11.2011






Кичот е спас за луѓето
што немаат шанси во животот


     Кумановската Терористичка банда Трачери важи за култен состав во домашната андерграунд и воопшто рок-сцена. Водачот Кирчо Арсовски, потпомогнат и од преостанатите членови, кои се важен дел на бендот, успева да го преточи уличниот жаргон во певлива лирика што ја прикажува болната вистина. Трачери се бунтовници, кои без влакна на јазикот и без респект го насочуваат прстот на вистинскиот проблем. Групата зад себе има четири албумски изданија Клати и тркалај од 2001-та, Купи ме од 2003-та, Шлагери од Содома од 2005 -та и последниот Кинки во нервозна џунгла, кој се појави пред еден месец. В сабота Трачери концертно ќе го промовираат овој албум на тринаесеттото издание на фестивалот Таксират.


Дали новиот албум Кинки во нервозна џунгла претставува нова приказна или едноставно е продолжение на претходните?
- За да можат луѓето да се идентификуваат со тебе и со тоа што го работиш потребно е да имаш приказна. Народот ги памети само оние уметници што успеале да изградат некаков мит за себе. Нашите албуми си имаат свои приказни, кои ги прераскажуваме преку песните, но никогаш тоа не е концепт. Секоја песна си е свет за себе. Најглупаво е кога мислат дека тоа што некој го пее е секогаш автобиографско. Некои не сфаќаат дека повеќето песни се само она што тие сакаат да го чујат, а оној што пее само поседува способност да се стави во туѓа кожа. Добриот говорник секогаш ти го кажува тоа што ти најмногу сакаш да го слушнеш, слично е и со песните.

Обвивката на албумот многу наликува на A Hard Day’s Night. Намерно ли е направено тоа или можеби ова треба да биде некакво ваше видување на The Beatles?
- Секако дека е намерно, затоа што ми здосадија обвивките што нè поврзуваат со филмската Б-продукција. Лично сакав да им оддадам почит на The Beatles за сите оние среќни години што ги поминав со нив како дете, макар и со обвивка на албум. Јасно е дека музиката на Кинки во нервозна џунгла не е баш како нивната. Исто така, ги мразам и оние буклети со текстови, како да сте издале книга, а не албум, и среќа што немавме пари да печатиме буклет. Многу ми е драго што ги нема текстовите, но сепак ќе ги ставиме на Интернет, за да можат луѓето да знаат што пеам, затоа што се случувало некои да не го разбираат текстот додека сум на сцена или кога го слушаат цедето.

Зошто го избра трачот за твоја инспирација? И името на самата група, а и повеќе песни го содржат тој збор.
- Кичот и трачот се светот на среќата и на некој начин претставуваат уточиште за оние што немаат баш некои јаки шанси во животот. Ако им го одземете на луѓето, тогаш тие не би имале на што да се насмеат, да заплачат или да заиграат. Погрешно се мисли дека царството на кичот е она што прво ги почнува војните. Не верувам дека светските банкари гледаат филмови на Preston Sturges или дека слушаат панк. Попрво би кажал дека тој свет оди на опера и во театар.

Мислиш ли дека тие твои пароли од текстовите допираат каде што треба?
- Кој разбира, нека разбира, а кој не, тогаш тоа е негов проблем. Немаме намера да се толкуваме себеси.

Ниту сексот не е изоставен во твоите песни, но ти го претставуваш преку една саркастична призма. Тоа ли е вистински рокенрол или е само одглас на некои минати (младешки) денови?
- Сексот е придружен дел од животот на секој човек, но мислам дека ние немаме баш некои експлицитни секси-песни, нели! Во досегашната дискографија на Т.Б. Трачери има и голем број љубовни песни што се многу искрени. Тука нема никакво лажење.

Лириката секогаш ти била појаката страна. Каков е твојот став кон новите македонски рок-текстописци и дали воопшто има некој надежен во државава?
- Не знам многу за новите текстописци и не можам да дадам свое мислење. Инаку, мене повеќе ме интересира музиката и сакам убави мелодии, а текстот не ми е секогаш најбитен. Тоа што имаме добри текстови повеќе е случајност отколку намерно.


Од музичка страна, пак, се потпираш на минимализам, пред сé мислам на едноставни рифови, кои, пак, се потпираат на класичната бунтовничка школа како The Clash, New York Dolls, Dead Kennedys, Elvis Costello, Frank Zappa... Зошто баш овој фазон?
- Па тоа е наједноставната музика, а воедно и најдобрата. Сè друго е експеримент. Трачери не бара некој нов начин на изразување, едноставно ние сме во тој филм и одлично се забавуваме.

Што е тоа што со новиот албум на Т.Б. Трачери треба да им се предочи на младите групи?
- Не знам што би им порачал на новите групи со овој албум, затоа што овие луѓе тука немаат изграден однос кон традицијата ниту, пак, тоа ги интересира. За нив светот почнува откако тие почнале да свират. Нашата музика нема никаква мистерија, сé што треба е само да ставиш диск во цеде-плеерот и да ја слушаш.


Friday, November 2, 2012

INTERVIEW: Paul Weller

Објавено во „Нова Македонија“ на 09.06.2008





Мојата музика произлегува
од тоа што го слушам



        Настапот на Paul Weller на годинашниот Exit festival веројатно за пасионираните љубители на музиката од 1980-тите ќе биде можност да се види уште една рок-икона. Сепак, Weller е нешто повеќе од предводник на некогашната постпанк-атракција The Jam, нешто повеќе од гитарист кого колегите-гитаристи повеќе го ценат дури и од самите негови обожаватели. Paul Weller е музички феномен, кој ги премостува генерациските вкусови за музиката емитирјаќи низ неа поливалентна енергија, која нема одреден рок на траење. Ова телефонско интервју е токму по повод неговиот настап на новосадскиот фестивал Exit, во кое големиот мајстор влезе во разговор со голема непосредност и одговараше на прашањата со многу шарм и искреност.


Што значи по 30 години да се биде првоборец во панкот и во њу-вејвот?
- Не се гледам себеси како пионер, туку се гледам како музичар и размислувам како да продолжам креативно да го правам ова што го работам. Последниве триесетина години не ми значеле ништо особено. Не сакам да паднам во емоционална стапица ниту, пак, во рутина што би била некакво ехо од минатото. Единствено што сум размислувал е тоа како да направам добра музика. Во изминативе три и повеќе децении на светската рок-сцена се појавија различни музички стилови и правци, различни носачи на звук и различни медиуми, кои дадоа свој придонес во развивањето на музиката.

Новиот албум се вика 22 Dreams (22 сона). Кој беше вашиот прв сон со групата The Jam?
- Првиот сон ми беше да успеам, да се пробијам, да потпишам договор за снимање албум, да се појавам на телевизија или на радио. Како и секој тинејџер, и јас сонував како да стигнам до врвот, до славата... Тоа се сите оние работи што треба да ги направите во младоста, а мене ми се остварија.

Сакате да кажете дека навистина ви се исполнија соништата?
- Да, затоа што на 10-годишна возраст единствено за што размислував е како да направам бенд и како да снимам плоча. Тој сон ми се исполни кога наполнив 18 години, кога го снимив мојот прв албум. Што се однесува до тоа, многу сум среќен и благословен.

На 22 Dreams свират Noel Gallagher од групата Oasis и Graham Coxon од Blur. Како е да се работи со музичари од генерација на која вие сте ѝ биле идол?
- Никогаш не сум размислувал за тоа дека сум им идол. Noel и Graham имаат голема почит кон мене, но и јас ги почитувам затоа што размислуваме на иста бранова должина. Додека бев во групата The Jam тие биле деца, но и покрај таа генерациска разлика ги сметам за мои современици и врсници. Мислам дека нивните сфаќања и размислувања ми се многу поблиски отколку на голем број музичари од осумдесеттите години на минатиот век.

Дали 22 Dreams е микс на звукот од вашиот втор бенд The Style Council, соулот и аренбито на Isaac Hayes, Curtis Mayfield, збогатен со психоделија?
- Мојот вкус за музика е многу еклектичен. Кога сум дома слушам различна музика, која се движи меѓу, соул, џез, поп, класична музика... Јас не гледам граници во музиката и не обрнувам внимание на стилот и на правецот. Единствено ми е важно дали музиката е добра или не. Мислам дека мојата музика произлегува од мојот вкус, односно од тоа што го слушам, а 22 Dreams веројатно е рефлексија на тоа.


Дали звукот на овој албум е она што го баравте изминативе 30 години?
- Не, ова е една поинаква насока и поинаква димензија. Музиката на 22 Dreams е тоа што го чувствувам сега. Кога ќе се вратите малку наназад ќе видите дека сите мои албуми имаат различен звук и поинакви ставови. Значи ова што го правам сега се моментални чувства, а не од минатото.

Навистина ли му се обраќате на Господ со темата God, која се наоѓа на новиот албум?
- Темата God е само една приказна, која ја пласирам онака како што ја гледам. Луѓето што не се целосно религиозни му се обраќаат на Господ само кога се во невоља. Со оваа песна им давам една идеја, а тие може да ја сфатат како сакаат.

Вашиот прекар е Modfather („татко на модот“ - музички и не само музички правец што го инаугурираа легендарните The Who), во таа смисла што претставуваат за вас Pete Townshend, групата The Who и филмот Quadrophenia од 1979 година?
- Филмот е ужасен и никогаш не ми се допаѓал, затоа што деталите во него се многу лоши и погрешни, а музиката едноставно не е музика. Quadrophenia не ми значи ништо во животот.
Што се однесува пак до The Who и Pete Townshend немам зборови, тој е фантастичен. Музиката од раниот период на Townshend е неверојатна и имаше огромно влијание врз мене.

Дали гитарата е вашата прва љубов, а мотоциклот е втората?
- Мојата прва љубов ми се децата, втората ми е гитарата, а трета би можела да ми биде моторот.

Во изминативе години на Exit свиреа Robert Plant, Morrissey, годинава покрај вас ќе свират и Sex Pistols. Дали мислите дека со фестивалот Exit се поместува интересот за рокенрол-бардовите на овој дел од Европа, во некогашните комунистички земји?
- Не знам, но би сакал да е така. Одамна се обидувам да свирам во тој дел од светот, но многу е тешко да се направи и да се организира турнеја таму. Сум сакал да одам во Русија, Унгарија, во сите источните земји. Тој е дел од светот што отсекогаш сум сакал да го посетам и во кој не сум бил.



Дали е повозбудливо да се биде тука или во западните земји?
- Да, секогаш е возбудливо да одите некаде каде што претходно не сте биле. Токму затоа што не знаете што да очекувате. Запознавате нови, поинакви луѓе. Да, мислам дека е возбудливо. Одвај чекам да настапам на фестивалот Exit.

И покрај тоа што сега свирите посмирена музика во однос на The Jam, дали сте во кондиција сега да направите еден пого-скок на концерт?
- Ха, ха, ха... Да, би можел, но не толку високо како порано.

Што имате да кажете во сеќавање за Bo Diddley, кој почина деновиве?
- Едноставно го обожавав. Е, тој беше вистински пионер! Многу значајна личност во музиката. По сè изгледа дека е потценет и малку вреднуван. Мислам дека беше брилијантен музичар. Заедно „купувавме“ африканска музика, но и соул и аренби. Мислам дека е многу важен, а ако луѓето не знаат за него, треба да купат негов албум и да дознаат колку е важен.